Кампањата „Три, четири, сега! Европа е наша!“ на WeBalkans се заокружи со изборот на шесте финалисти на регионалниот фото-натпревар. Во текот на изминатите шест месеци, оваа уникатна иницијатива ги славеше инклузијата, единството и спортскиот дух, со цел да се приближат заедничките вредности на Западен Балкан и ЕУ до граѓаните во регионот и пошироко.
Во април 2025 година, во Приштина, беше објавен конкурс со кој се повикаа младите фотографи и љубители на спортот на возраст од 18 до 29 години да овековечат инспиративни моменти од светот на спортот, славејќи ги упорноста, проширувањето на ЕУ, единството, градењето мир и културната соработка.
Завршниот настан на кампањата се одржа во Љубљана, Словенија, во рамки на специјалната соработка со Спортскиот фестивал во Љубљана, и на него присуствуваа победниците на натпреварот.
Свеченото доделување на наградите беше отворено со видео-порака од европската комесарка за проширување Марта Кос, која истакна дека оваа кампања го претстави спортот како нешто многу повеќе од натпревар бидејќи со него се гради доверба, почит и заедници кои ги надминуваат границите.
Од вкупно 183 пристигнати дела, стручното жири ги избра осумнаесетте најдобри, кои потоа го обиколија Западен Балкан како дел од патувачка изложба низ во седум градови: Белград, Подгорица, Скопје, Струга, Маглај, Приштина и Тирана. Конечно, овој август граѓаните од регионот имаа можност да гласаат на социјалните мрежи на WeBalkans и да ги изберат победниците на фото-натпреварот:
-Македонија: Илина Пулејкова – Спортот поврзува, вклучува и љуби (Sport connects, includes and loves)
-Албанија: Клевиса Капо – Воздигнати од поддршка, носени од соништата (Lifted by Support, Carried by Dreams)
-Србија: Јасмина Павловиќ – Заедно можеме сѐ (Together – we can do anything)
-Босна и Херцеговина: Харис Перван – Фудбал за сите (Grassroots Football)
-Косово: Филојете Малоку – Спортот не е само натпревар (Sport is not just competition)
-Црна Гора: Наташа Ѓуровиќ – Линии на слободата (Lines of the freedom)
„Би сакал да им честитам на сите учесници, особено на победниците на фото-натпреварот, и да ви се заблагодарам што ја избравте Љубљана да биде домаќин на завршниот настан од ова патување“, изјави Само Логар, заменик-градоначалник на Љубљана.

Фотографијата на Илина Пулејкова од Македонија
Со завршницата на кампањата „Три, четири, сега! Европа е наша!“ во Словенија, WeBalkans ја истакна својата цел – да ja споделува визијата за проширувањето на ЕУ, да го истакне богатството што Западен Балкан го носи во Европа и да ги претстави можностите што ЕУ ги нуди надвор од своите граници.
„Завршниот настан, истовремено, нуди и простор да се слушне гласот на младите и поттикнува единство преку активизам и креативност, потсетувајќи дека иднината на Европа е посветла кога ја градиме заедно“, посочија организаторите.
Во тој контекст, млади европски амбасадори од Западен Балкан дојдоа да ги поддржат своите врсници – младите фотографи. Раманда Шеху од Македонија истакна дека за неа како млада личност од оваа земја којашто живее во ЕУ, настанот претставува можност младите од Западен Балкан да ги зајакнат врските со своите врсници од ЕУ и да се поврзат преку заеднички интереси, како што се спортот, екологијата и многу други.
„Спортскиот фестивал во Љубљана и фото-натпреварот се тесно поврзани, бидејќи и едниот и другиот ги слават спортот, младите и културата. Затоа е навистина важно да се видат љубителите на културата и спортот заедно на исто место, како учествуваат на еден заеднички настан, завршниот настан на фото-натпреварот“, изјави Наташа Кос, раководителка на Одделот за културна и научна дипломатија при Министерството за надворешни работи на Словенија.
За време на настанот, имаше и уметнички момент, односно со хармоника беше изведена музичка композиција составена од шест музички дела, по едно од секоја држава од Западен Балкан, како и едно дело од Словенија.