Тредс воведе опција да ги гледате објавите само на луѓето кои ги следите

Мета ја ажурираше апликацијата Тредс и воведе повеќе новини, меѓу кои и посебно јазиче на кое се гледаат објавите само на корисниците кои ги следите по хронолошки редослед.

Досега на апликацијата постоеше само јазиче „за тебе“ што прикажуваше објави кои ги избира алгоритамот на Тредс.

Насловната страница на апликацијата сега уште повеќе потсетува на онаа на Твитер (односно Х, по ребрендингот на платформата).

Од Мета соопштија дека со ажурирањето се овозможува на корисниците да имаат поголема контрола врз содржините кои ги гледаат, додавајќи опција тие да можат да се подредуваат според бројот на следбеници, цитати или споделувања.

Тредс започна да функционира на 5 јули, по серијата проблеми и нови контроверзни политики кои се случуваа на Твитер. Платформата брзо стигна до 100 милиони корисници, иако популарноста на апликацијата оттогаш почна да се намалува.

Од Мета соопштија и дека работат на нови алатки и опции поврзани со Тредс и дека тие ќе бидат објавени во многу брзо време.