Требаат редовни скрининзи за навреме да се откриваат болестите на црниот дроб, предупредуваат експертите

Со примена на современи дијагностички методи преку скрининзи навреме ќе се откриваат и лекуваат болестите на црниот дроб. Тоа е целта на националната јавно-здравствена кампања за подигнување на свеста, превенција, рана дијагностика и елиминација на вирусните хепатити и црнодробниот карцином што се спроведуваше по повод 28 јули, Светски ден на борба против хепатитис. Околу 40.000 пациенти во државава се заразени со хепатит. Во рамки на превентивната програма за годинава се спроведува скрининг за хепатоцелуларен карцином.

Во рамки на кампањата вчера на плоштадот „Македонија“ во Скопје од 10 до 13 часот беше поставена мобилна амбуланта, со што им се овозможува на граѓаните бесплатен и анонимен скрининг. Од 18 до 20:30 часот мобилна амбуланта беше поставена во Куманово, а во следните период таква амбуланта ќе има и во Тетово, Гостивар, Струга, Охрид, Битола, Прилеп, Штип и Гевгелија. Граѓаните кои ќе дојдат добиваат стручен совет и, ако е потребно, ќе бидат упатени кон понатамошна специјализирана грижа.

Министерот за здравство Азир Алиу изјави дека овие програми се многу битни за нив како институција и се дел од нивните политики во здравствениот систем.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали овие скрининзи ќе бидат дел од програма рече дека вложените пари во здравството не ги гледа како трошок, туку како инвестиција. Според него, најдобра инвестиција е кога вие превенирате нешто, што е и целта на програмите и скрининзите.

Посочи дека работат интензивно за дигитализација на овие програми, бидејќи е многу битна временската рамка и пост скринингот, програмата односно следење на пациентот и навремено добивање на резултатите.

Директорот на Клиниката за инфективни болести, Фадил Цана рече дека во нашата држава живеат илјадници пациенти со хепатитис и незнаат дека го имаат.

„Крајно време е скрининзите за хепатитис да бидат воведени и да ги има во поголем број за да може навреме да се открие болеста и да може соодветно да се лекува. Со поддршка на Министерството за здравство треба да се воведе рана дијагностика и да се инвестира во здравствените политики за да може пациентите да имаат и пристап до современата терапија. Тоа може да го направиме ако имаме добра волја и визија со поддршка на Министерството за да се воведе во здравствената политика и третманот кој е малку скап, но со заеднички сили може да влијаеме“, додаде д-р Цана.

Директорката на Клиниката за гастроентерохепатологија, Мери Трајковска истакна дека станува збор за многу важна иницијатива за откривање на хепатитисот кој се смета за тивок убиец. Таа посочи дека околу 40.000 пациенти се заразени со хепатит.