Трамп наскоро ќе го изгуби посебниот третман на Твитер

Американскиот претседател Доналд Трамп ќе го изгуби посебниот третман на Твитер, односно, истите правила кои се однесуваат на сите корисници на социјалната мрежа, ќе се однесуваат и на него, кога новоизбраниот претседател Џо Бајден ќе ја преземе должноста на 20 јануари, пренесува хрватски „Индекс“.

Твитер става известувања за „јавен интерес“ на некои твитови на „светски лидери“ кои ги кршат правилата и кои, ако беа обични луѓе, би биле отстранети. Таквите твитови на политички кандидати и избрани или владини службеници наместо тоа се се кријат со предупредување и Твитер презема активности за ограничување на нивниот досег.

Сепак, компанијата соопшти дека ваквиот третман не се однесува на поранешни носители на должност.

„Оваа политичка рамка се однесува на сегашните светски лидери и кандидати за функции, а не на граѓани кои веќе не ги извршуваат тие функции“, рече портпаролот на Твитер.

Твитер веќе има објавено неколку предупредувања на твитовите на профилот @realDonaldTrump, вклучително и многу твитови во вторникот, поврзани со изборите во кои беа изнесени неосновани обвинувања за изборни измами.

Од Твитер првично сокрија еден негов твит со ознаката „јавен интерес“ во мај кога претседателот ја прекрши политиката на компанијата против поддршка на насилството.