Жестока дебата во јавноста предизвикаа деновиве новите правила што Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) ги воведува за инфлуенсерите. Некои од креаторите на содржини реагираат дека со обврската за регистрација и плаќање надомест од 0,5 отсто, се загрозува слободата на говор и дека нивната работа неоправдано се изедначува со класичните медиуми. Некои од нив сметаат дека е срамно што државата сака да им наплаќа за нешто што го искреирале самите, без државна поддршка.
По бранот реакции, негодувања и обвинувања, агенцијата Мета.мк разговараше со директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, кој во ова интервју не кажа кои инфлуенсери учествувале во изработката на документите, но објаснува кого опфаќа регулацијата, како и зошто, според него, станува збор за правна рамка што носи поголема сигурност, а не цензура.
Кој работеше на документите за инфлуенсери? Дали во изработката беа вклучени самите тие? Ако да, кои инфлуенсери беа вклучени и дали имаа забелешки уште во самиот процес на креирање на правилата?
Неопходно е да се потенцира дека има два документи – едниот е Правилник за физичките лица даватели на АВМУ по барање (инфлуенсери/влогери/креатори), додека другиот е Водич за инфлуенсер(к)и, влогер(к)и, креатор(к)и на содржини. Станува збор за два различни документи со различна правна природа и цел. Сите документи поврзани со работењето на овие субјекти се достапни на веб страницата на Агенцијата во посебниот банер „Инфлуенсери/Влогери“ на овој линк. Правилникот е донесен врз основа на законска обврска пропишана во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и неговата цел е прецизно да се утврди кои физички лица ќе бидат предмет на регулација. Во овој документ се дефинирани јасни критериуми кои мора да бидат исполнети кумулативно за едно лице да се смета за давател на аудиовизуелна медиумска услуга по барање. Со други зборови, Правилникот има нормативен карактер и служи за правна сигурност, предвидливост и еднаков третман на сите субјекти на пазарот. Правилникот е изработен од Агенцијата во соработка со експерти и колеги од германското регулаторно тело, при што во текот на процесот беа вклучени и домашните инфлуенсери. Инфлуенсерите даваа свои мислења и сугестии и поединечно и на заеднички средби и дел од тие мислења и предлози беа прифатени и директно вградени во финалната верзија на Правилникот. Впрочем, нивни предлог беше бројот на следбеници да изнесува 10 000, наместо како што АВМУ имаше претходно утврдено 30.000. За разлика од Правилникот, Водичот има исклучиво појаснувачка улога и служи да ја олесни практичната примена на веќе постојните законски и подзаконски обврски, посебно во делот на заштита на малолетници, означувањето реклами, спонзорства и пласирање производи, забраната за дискриминација и говор на омраза. И овој документ е изработен од Агенцијата. Во рамките на јавната расправа која траеше 30 дена, беа пристигнати прашања и забелешки од една инфлуенсерка. За да обезбеди поголемо учество од инфлуенсерите, Агенцијата организираше и состанок на кој се дискутираше за дилемите и дополнителните предлози. Врз основа на ова, беа направени неколку измени на текстот на документот пред неговото усвојување.
Дали по објавата на документите, досега официјално некој од инфлуенсерите се обрати со рекција до вас како АВМУ? Ако да, за што поточно реагираат?
Во врска со Правилникот, досега не е доставена ниту една реакција во врска со неговата содржина. Мејловите коишто, во сè поголем број ги добиваме од инфлуенсерите и креаторите на содржини се интерес за регистрација, при што се бараат дополнителни информации и појаснувања на постапката за евидентирање во Регистарот, условите што треба да бидат исполнети и начинот на поднесување на пријавата. Што се однесува до Водичот, најчесто се бараат појаснувања во врска со неговата практична примена. Со тоа се покажува дека фокусот на засегнатите страни е ставен на усогласување со новата регулаторна рамка и навремено исполнување на обврските.
На основа на што АВМУ ќе ја наплаќа сумата од 0,5 отсто? На кој начин беше одредено овој процент да е токму 0,5 отсто?
Надоместокот од 0,5 отсто е директно пропишан во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, поточно во член 142, што значи станува збор за законска обврска, а не за нова давачка воведена со подзаконски акт. Со исклучок на радиодифузерите за кои постои поинаков надоместок, односно тие плаќаат надоместок за дозвола, ваква обврска за надоместок од 0,5 отсто, континуирано постои за останатите субјекти коишто се предмет на регулација уште од донесувањето на Законот во 2013 година. Оттука, обврската не е ниту специфична ниту ексклузивна за инфлуенсерите туку истата стапка и истата логика на финансирање се применуваат и за кабелските оператори кои реемитуваат програмски сервиси и за давателите на услуги видео по барање.
Во еден дел од Водичот е наведено: „Видеата кои содржат пласирање производи не смеат директно да ги поттикнуваат потрошувач(к)ите да ги купуваат или изнајмуваат производите или услугите преку посебно промотивно препорачување или промовирање“. Но, токму тоа е крајната цел на компаниите, да продадат продукт или услуга преку социјалните мрежи. Како според вас, треба да изгледа едно видео кое „нема да поттикне“ потрошувач да купи некој производ?
Оваа реченица во Водичот за инфлуенсер(к)и, влогер(к)и, креатор(к)и на содржини потекнува од член 55 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој ги уредува правилата за оваа форма на комерцијална комуникација. Пласирањето производи е само еден од видовите комерцијални комуникации што можат да ги користат инфлуенсерите за да остварат приход. Другите се рекламирање и спонзорство. Секоја од овие форми на комерцијални комуникации има свои специфики, во зависност од што се формулирани и правилата кои важат за нив. Конкретно, при пласирањето производи, производот или услугата што сакаме да ги промовираме се вградени во самото дејство на видеото. Оттаму, со цел да ги заштити корисниците на услугите, како и интегритетот на самата содржина, Законот утврдува поинакви правила за овој вид комерцијална комуникација. Директното поттикнување на потрошувачите/корисниците на услугите на инфлуенсерите да купат некој производ или услуга воопшто не е забрането, но ова се карактеристики и е дозволено за комерцијалната форма рекламирање. Затоа ваквите видеа треба да се означат како рекламирање, а не како пласирање производи. Сите овие правила произлегуваат од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој пак е усоласен со Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги на ЕУ.
Во еден дел во правилникот пишува дека „по регистрирањето, предвидено е АВМУ прави надзори“. За какви надзори се работи?
Агенцијата има законска обврска да спроведува програмски и административен надзор за почитувањето на обврските утврдени во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и во подзаконските акти. Во Водичот за инфлуенсер(к)и, влогер(к)и, креатор(к)и на содржини се сублимирани сите програмски и административни обврски на инфлуенсерите. Програмските се однесуваат на заштита на малолетници, пристапност на видеата за лица со попреченост, правилата за рекламирање, спонзорство и пласирање производи, правилата за организирање квизови и наградни игри, основните начела за обезбедување аудиовизуелна медиумска услуга, и на забраната за дискриминација и говор на омраза. Административни обврски на инфлуенсерите се регистрација, плаќање надоместок, обезбедување пристап на корисниците до одредени информации за услугата, и евиденција на видеата.
Дали треба во регистарот да влезат и оние кои имаат минимум 10 илјади следачи, но не заработуваат од содржината што го објавуваат на социјални мрежи?
Не. Самото имање 10.000 следачи не е доволно за да настане обврска за регистрација. Во регулаторниот опфат влегуваат само оние лица кои кумулативно ги исполнуваат сите критериуми утврдени со Правилникот, и тоа: аудиовизуелните медиумски услуги ги обезбедуваат преку платформи за споделување видеа (на пример YouTube, Instagram, TikTok и слично); имаат повеќе од 10.000 следбеници или претплатници; остваруваат економски интерес од медиумската услуга; во последните 12 месеци објавиле најмалку 24 аудиовизуелни содржини; целта е да информираат, образуваат, забавуваат и за содржините имаат уредничка одговорност. Оттука, aко некое лице има повеќе од 10.000 следачи, но на ниту еден начин не заработува од контентот што го објавува, тоа не подлежи на обврска за регистрација во Регистарот на Агенцијата.
Дали ако некој има сопствен бизнис и има профил на Инстаграм и има над 10 илјади следачи, важат истите правила како и за инфлуенсерите?
Регулативата пред сè го зема предвид начинот на користење на профилот и препознава различни облици на остварување материјални придобивки и економски интерес. Кога профилот се користи за претставување на производи или услуги и на тој начин промовира или дава поддршка на нечија деловна активност, можно е да се смета дека постои економски интерес, меѓутоа секој случај ќе се разгледува поединечно. Повторно потенцираме дека за да едно лице се смета за инфлуенсер, кумулативно треба да бидат исполнети неколку критериуми и (кои ги посочивме во одговорите на прашањето број 6).
Какви и колкави се казните ако инфлуенсер не се пријави во Регистарот на АВМУ?
Законот предвидува јасен и постепен систем на санкционирање за сите субјекти кои не постапуваат согласно обврските. Во пракса, не се започнува веднаш со казнување. Најпрво, Агенцијата изрекува јавна опомена, со која се укажува на обврската и се остава соодветен рок за усогласување. Ако и по изречената опомена субјектот не се усогласи со законските обврски, тогаш следи поведување прекршочна постапка пред надлежен суд, при што паричната казна, согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, изнесува од 250 евра до 500 евра. Овој пристап е насочен кон постигнување усогласеност и правна сигурност, а не кон репресија, со јасна цел – уреден и транспарентен дигитален пазар.



