Традиционално, на 25 јануари, по шестнаесети пат ќе биде организирана голема крводарителска акција посветена на големиот хуманист Тоше Проески во знак на одбележување на неговиот роденден.
Aкцијата е планирано да се реализира на 25 јануари (сабота) во холот на Дом на АРМ во периодот од 09-17 часот.
Организатори на крводарителската акција се Црвениот крст на град Скопје, Општинската организација на Црвен крст Гази Баба, Институтот за Трансфузиона медицина и Тоше фан форум клубот. Поддршка кон акцијата ќе дадат и волонтерите од Клуб 25- клуб на млади крводарители, мотиватори како и волонтерите од Клуб на млади на Црвен крст Гази Баба.
„Ликот и хуманото дело на Тоше Проески се позитивен пример и поттик за многу млади личности кои токму на овој датум даруваа крв, но и мотивација за повеќекратните дарители да продолжат со хуманиот чин. Традицијата за одржување на крводарителски акции во спомен на Тоше Проески започна во 2010 година и истите се реализираат во негова чест. До сега, на овие 15 акции, својата хуманост преку чинот на дарување крв ја покажале над 4 500 крводарители“, наведуваат од Црвениот крст на Град Скопје.