Традиционален марш за женски права на 8 март под слоганот „Нема да нѐ снема“

По повод 8 март – Меѓународниот ден на жената, активистки и граѓанки ќе учествуваат на традиционалниот марш за женски права што ќе започне во 12:00 часот во паркот „Жена Борец“. Маршот ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ како знак на протест против бришењето на жените од јавниот и историскиот дискурс.

Слоганот „Нема да нè снема“ ја истакнува борбата на жените за опстанок во систем што не ги штити од насилство, ги игнорира и ги остава на маргините. Работата на жените е често невидлива и помалку платена, а многу хонорарни работнички немаат здравствено, социјално или пензиско осигурување, што дополнително го отежнува нивниот економски статус и пристап до права како платено породилно отсуство.

Минатата година се регистрирани пет фемициди и рекорден број на родово-базирано насилство, додека дискриминацијата, нападите и игнорирањето на трудници, земјоделки и невработени жени продолжуваат. Јавниот простор е преплавен со дезинформации кои го нормализираат насилството и го поткопуваат поимот за родова еднаквост.

Организаторите повикуваат на заедничко марширење како израз на сеќавање, бележење и отпор, со порака: „Нема да нѐ снема“.

Дизајн на постер: Теано Кардула.