Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски беше гостин ТВ Сител, каде изрази желење и осуда за инцидентот во кој беше вклучена градоначалничката на Скопје Данела Арсовска.
Тој демантираше дека МВР не постапило по денешниот инцидент.
„За денешниот инцидент факт број еден – полиција кога е повикана да дојде на местото на настанот дошла. Факт број два – Арсовска по настанување на инцидентот била повикана да дојде во полициска станица, но не дошла. Во болница биле констатирани телесни повреди, црвенила од страна на стручно лице, на левата потколеница. Откако завршил прегледот во болница, таа се упатила повторно во полициска станица, по што полициски службеници отпочнале со полициски дејствија, и во меѓувреме контактирале јавен обвинител. Лицето кое што го навела како такво е приведено, е во полициска станица и плус други две лица кои вербално се заканувале“, рече Тошковски.
Министерот тврди дека при составување на записникот и примање на пријавата Арсовска, како што посочи, таа станала и си заминала и не го потпишала записникот.
„Повторно само на Фејсбук парадираме, на социјални мрежи, а притоа таа не го потпишала записникот. И сега се поставува прашање, да не случајно жртвата во овој случај кој се прикажува во јавноста, е токму оној што предизвикал физички напад. Би ја замолил да не бега од МВР, од институциите. Изразувам длабоко жалење и осудувам било каков напад без оглед кој е нападнат во ситуацијава. Оосбено осудувам напад врз жена, особено ако таа жена е избрана на избори и застапува градоначалник. Но да не случајно, излезе на крајот, сето ова, да не е едно добро смислено сценарио за политички циркуз, каде што жртвата ќе биде токму оној кој сторил физички напад, бидејќи добивам некои такви информации, не знам, претпоставувам“, рече Тошковски.
На прашањето дека Арсовска тврди дека на местото на инцидентот имало полциски службеници и биле сведоци на нападот и дали МВР ќе утврдува какви дејности преземале, Тошковски рече дека во целост ќе се утврди фактичката состојба.
„Не смееме да дозволиме никој да се чувствува небезбеден во Македонија, но и не смееме да дозволиме некој грубо да ја манипулира македонската јавност. Ова што се случи денеска од аспект на физичко насилство без оглед кој го презел, го осудувам и ќе бидат преземени сите дејствија во насока на расветлување. Доколку се утврди дека гледале и не презеле дејствија, ќе бидат спроведени во најбрза постапка. Јас се’ уште не сум видел ништо, но ме уверуваат дека фактичката состојба била многу поинаква од тоа што е презентирано досега во јавноста. Известен е и јавен обвинител, а оние за кои што градоначалничката трвди дека ја нападнале се моментално во полициска станица и се постапува по наредба на јавен обинител“, рече Тошковски.
Претходно градоначалничката Данела Арсовска обвини дека била нападната во скопската населба Чаир, а на локацијата биле со Инспекторат на Град Скопје, со колегите и двајца униформирани претставници на МВР. Притоа, лице ја нападнало прво физички, а понатаму со најразлични закани.
„(Се закани) дека ќе ми ликвидира семејство, дете, еден по еден. Се јавуваше по телефон, си разговараа со него лицата од МВР и му дозволија да сврти едно 20-ина телефонски повици. По цел час вербални напади врз луѓето кои беа таму, вклучително и останатите жени, инспекторките, советничката Ирена Витина, раководителките на сектори, ги нарекуваше ‘кучки’ и секакви погрдни зборови… по три часа во болница, завршивме во полициска станица, каде сега се обидуваат да го заташкаат случајот со тоа што ми велат да не сум излегувала на терен и што сум барала таму“, посочи Арсовска во видео на Фејсбук.