„Толку ли брзо нѐ заборавивте?“: Герила акција за трагедијата во Кочани на плоштад „Македонија“

Несекојдневен случај денеска на централниот плоштад „Македонија“ во Скопје, каде минувачите посведочија како човек е врзан со сива самолеплива лента за една од локалните бандери.

Ваквиот перформанс на јавниот простор привлече големо внимание, но самиот човек најпрво не сакаше да дава појаснување за неговата постапка.

„Ќе ја кажам својата порака кога ќе дојдат повеќе новинари“, изјави тој на неколкуте новинарски микрофони и диктофони.

Потоа тој беше симнат од бандерата, а во изјава за медиумите потсети за страшниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани каде загинаа 62 лица, а над 150 беа повредени.

Момчето, кое се откри дека е Мартин Кировски, претходно популарен и на Јутјуб, истакна дека не му е срам што бил залепен, а додаде дека пет негови другари биле меѓу загинатите, но и многу деца со кои си живеел.

„Се обраќам до големите луѓе, оние што ја држат оваа држава. Уште што треба да ни се случи на нас во Кочани за да се освестат дека тој град постои? Толку ли брзо нѐ заборавивте? Пред некој ден си дојдоа деца од болница без прсти на рацете. Тие деца цел живот нема да имаат раце. Дајте, ако ништо, барем на тие деца да помогнеме. Зошто тој град во овие 30 години никогаш не е бил битен? Ова нека биде пример, да направиме нешто за тој град. Наместо да се отвараат такви нелегални дискотеки, нека направат нешто во Кочани, културен центар, спортски, градско кино… Наместо децата да одат во дискотеки, нека одат во кино“, изјави Кировски.

Според него, ако ништо не се превземе, работата ќе оди само на полошо.

„Не сме арни ние во Кочани, не сме арни. Разберете нѐ, треба да се направи нешто за тој град, малку да заживее. Мене ми загинаа пет другари, и некој ме прашува нема ли да ти биде срам што ќе бидеш врзан, јас сум врзан веќе духовно, морам да направам нешто за градот“, рече тој.

Кировски е дел од иницијативата за помош на настраданите „Супорт Кочани“ (Support Kocani). Тој истакна дека во последно време се намалиле донациите, а трошоци допрва ќе има. Само на едно дете, посочи, му се потребни ракавици за рацете и нозете, а една чини илјада евра.

„Тоа се четири илјади евра само за тој трошок за едно лице. А како што гледаме, државата тие пари нема да ги обезбеди“, додаде тој.

На новинарско прашање како иницијатива од кој очекувале најголема поддршка, а не ја добиле, Кировски истакна дека тоа се главните луѓе на оваа држава кои диктираат што да се прави.

Бојан Шашевски и Ангела Петкова