Тестирање на нов градски превоз – со точак во воз низ Скопје

Градот Скопје во соработка со Македонски железници – Транспорт, Македонски железници – Инфраструктура, здружението „Прв до врв“ и граѓанската иницијатива „На точак“ денеска ја промовира идејата за комбинирање на велосипедскиот и железничкиот сообраќај во иднина.

Неколкумина велосипедисти со своите велосипеди се качија во еден од новите возози на железничката станица во Лисиче и се возеа до железничката станица во Ѓорче Петров, за потоа да продолжат да возат на велосипед по градските улици до улицата „Димитрие Чуповски“ која што беше затворена за моторен сообраќај и на која се организираше вело-кафе и дружење на улица. Промоцијата на идејата за комбинирање на железницата со велосипедскиот сообраќај беше дел од активностите на Град Скопје на последниот ден од одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018.

„Денеска, по иницијатива на здруженијата „Прв до врв“ и „На точак“ ја презентираме идејата дека низ Скопје може да се движиме на различни начини. Впрочем, во мојата предизборна кампања ја промовирав идејата во иднина да може да формираме градски воз, а денешниот настан е мала демонстрација на таа можност. Од Лисиче до главната железничка станица во центарот на градот возот стигна за четири минути, а потоа ќе продолжи со своето движење до Ѓорче Петров. Значи, како алтернатива, би можеле во Лисиче да влеземе во воз со велосипед и за четири минути да бидеме во центар и да го продолжиме своето движење со велосипед до саканата дестинација“, рече денеска градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Тој нагласи дека Градот Скопје претендира да биде град со алтернативни можности за транспорт, како што е сега во Берлин, Амстердам и во други европски градови. Во периодот што следи, додаде, ќе се обидат да ги ревитализираат постојните осум железнички станици во Скопје за тие да бидат подостапни до граѓаните и во иднина да можат помасовно да го користат овој начин на превоз.

Оваа година, тема на Европската недела на мобилност беше „Комбинирај и движи се“, со цел да се испрати силна порака за користење на алтернативните видови транспорт и за комбинирање на одржливите начини на превоз до саканата дестинација. Градот Скопје во текот на изминатите седум дена за граѓаните понуди најразлични активности поврзани со одржливата мобилност и отвори квалитетна дебата за иднината на градскиот превоз. Во одбележувањето на Европската недела на мобилност 2018 се вклучија повеќе од 2.500 градови во Европа и во светот.