Текстилните и кожарските работници утре на собир за своите права во Штип

„Работничките мантили излегуваат на штрајк“ е наречена креативната инсталација со која утре во 14 часот, пред новата пошта во Штип ќе се одржи собир на текстилни и кожарски работници.

Собирот го организира штипското Здружение на граѓани на текстините и кожарските работници „Тивкото мнозинство – Гласно“, кое најавува дека на крајот на целодневната програма ќе се најави формирање на синдикат за работниците од овие индустрии.

„Потребата од овој собир е повеќе децениска манипулација и злоупотреба на овие работници од страна на системот, државата, институциите и самите работодавачи. Веќе скоро година, здружението работи напорно во детектирање на проблемите со кои се соочуваат и изнаоѓа решенија како би се подобриле условите и платите на овие работници кои лебот го заработуваат, можеби на најтешкиот начин – со игла“. Ваквиот собир е неопходен за да се слушне нивниот глас, да проработи свеста на државата, институциите и општеството“, соопштуваат организаторите.

Освен инсталацијата, за 16 часот е најавено цртање на платно, додека од 19 часот почнува главниот собир на кој ќе се најави формирањето на синдикат кој, според организаторите, ќе се бори овие работници да ги добијат правата загарантирани со закон.