Театарскиот перформанс „Лилит“ утре со нова изведба  во КСП Центар-Јадро

Во Културно-социјалниот простор Центар-Јадро утре (22 февруари) со почеток во 20 часот ќе се одржи нова изведба на театарскиот перформанс „Лилит“.

„Лилит“ е првата фаза од театарското истражување „Notebook of Silence“, соработка помеѓу композиторот Александро Ола, актерката Јасмина Билаловиќ и драматургот и режисер Јелена Вуксановиќ.

Претставата е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство во соработка со неговиот некогашен учител Гротовски.

„Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности. Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обремена од судовите на светот. Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себе си во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што е, а со тоа се прифаќа себе си и конечно може да ја напушти старата, зададена улога, ослободена од товарот на срам и вина“, се вели во најавата за перформансот.

Инаку, премиерата на театарскиот перформанс се одржа на 4 декември минатата година.

Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија и Амбасадата на Швајцарија.