Театар Комедија: 50 денари билет за 50-та изведба на „Ах љубов моја”

На сцената на Театар Комедија, во понеделник ( 3 ноември) со почеток во 20 часот ќе биде изведена првата 50-та изведба на претставата „Ах љубов моја“. По тој повод цената на билетите ќе биде со симболична цена од 50 денари, а самиот настан е насловен „50 за 50“.

Како што потсетуваат од Театар Комедија, на 27.02.2012 година, во Скопје се отвори првиот жанровски определен театар, во кој се работат драмски текстови исклучиво од жанрот комедија . Премиерно, на денот на отворањето на театарот, се изведе претставата „Ах љубов моја” по текст и во режија на Коле Ангеловски, бардот на македонската комедија. Во претставата играат фантастичните Нина Деан, Атанас Атанасовски, Зорица Нушева, Крсте Јовановски, Роберт Ристов, Жарко Димоски, Марија Кондовска, Александар Микиќ, Кристина Ласовска, Валентин Костадиновски-Тино, Ердоан Максут, Ева Скендеровска и Едмонд Сотир.

Од отворањето па до сега, освен на својата матична сцена, претставата „Ах љубов моја” е прикажана низ цела Македонија и тоа во Виница, Радовиш, Гевгелија, Штип, Свети Николе, Тетово, Куманово – во рамките на Фестивалот на Комедија, а гостуваше и на престижниот театарски фестивал Мостарска Лиска во Босна и Херцеговина во 2013 година и ги освои наградите за најдобра продукција и најдобра режија.