Во „Котур“ во Скопје на 17 јануари од 21:30 часот ќе се одржи концерт на „Taxi Consilium“ и „Galactic Effendi“.
„’Taxi Consilium’ e спиритуално присоединување на четири озлогласени арамии од болникавиот македонски џез етер и сите други офтикави форми на музичка експресија (членови на: Cobalt Code Unit, Yordan Kostov Quintet/Ensemble, Filip Bukrshliev Trio, Fighting Windmills, Строг Пост, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Shock Troopers, Пијан Славеј, Дина Јашари и другари, Зарина Првасевда…) поведени од вечната мудрост на искусните таксисти: моторизираните урбани бессоници и поети на асфалтниот егзодус, éminences grises кои што како предвесници на исходи слепи и неминовни, се сноват по пустите градски улици во 3 часот по полноќ“, стои во најавата за настанот.
Во „Taxi Consilium“ свират Благојче Томевски на бас кларинет и Bb кларинет, Филип Букршлиев на гитара, Андреа Мирческа на контрабас и Драган Теодосиев на тапани.
Во однос на „Galactic Effendi“, како што стои во најавата, тоа е „од момците што ви ги што ви ги донесоа Taxi Consilium, String Forces, Светлост, Vagina Corporation, Dobrila & Dorian, Fighting Windmills, Chalgia Sound System и Строг Пост – сега следува нешто помалку, ама и значително повеќе, чудно“.
„Замислете го Sun Ra како ситен бирократ: патетично службениче што залутало на погрешна планета, издава космички фермани и потајно срка ракија од фиока. Замислете ги огнените пророштва на Albert Ayler транскрибирани, редуцирани и преџвакани, за на крај да можат уредно да се впишат во квадратчињата на црвената ПП30 уплатница. Саксофонски виежи што, како чад од цигара во безтежинска состојба, бушат чудни вектори низ потсвеста; гитари што мелат како стар индустриски погон што по грешка научил ориентална скала и ритам-секција што тропа и ’ржи како печати заглавени во фиока на Министерството за Меѓугалактички Прашања. Резултатот е истовремено сомнителен и мошне сомнителен — токму како што треба“, се вели во најавата.
„Galactic Effendi“ го сочинуваат Нинослав Спировски – тенор и сопран саксофон, Филип Букршлиев – гитара, Дориан Јовановиќ – бас и Дарио Циевски – тапани.
Влез е 300 денари, а билетите во строго ограничен број од денес, вторник во „Котур“.




