Таравари побара оставка од Адеми откако Општина Гостивар го добила спорот за одземените ингеренции во образованието

Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари на Фејсбук ја објави пресудата на Управниот суд со кое се поништува Решението со кое Министерството за образование и наука ги одзеде ингеренциите за именување и разрешување директори на основни и средни училишта на локалната власт во Гостивар.

Покрај фотографијата, Таравари го повика министерот за образование Арбер Адеми да се извини и да поднесе неотповиклива оставка.

„Почитуван “доценте”, врати ги ингеренциите, јавно извини се и поднеси си неотповиклива оставка, не поради мене, туку поради учениците и наставниците во Гостивар, кои ги малтретираш сега веќе 2 години. Правдата излезе на виделина“, напиша градоначалникот Таравари.

Решението од февруари оваа година беше втор пат како Министерството за образование и наука ги одзеде ингеренциите на Општина Гостивар во сферата на именување и разрешување директори на општинските училишта. Таравари тогаш обвини за тоталитарно однесување на власта, додека од МОН посочуваа дека по инспекциски надзор биле констатирани незаконитости во постапките за назначување и разрешување директори.