МОН повторно ги одзеде ингеренциите на Општина Гостивар – Таравари обвинува за тоталитарно однесување, МОН за незаконитости

Министерството за образование и наука (МОН) повторно ги одзеде ингеренциите во образованието од Општина Гостивар. Одлуката практично значи дека градските власти, во следниот период, нема да можат да отпуштаат и именуваат директори во основните и средните училишта во Гостивар.

Градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари, коментирајќи ја новата одлука, ја обвини власта за тоталитарно однесување:

„Морам да истакнам дека од страна на нашата општина, и покрај лошите услови нема никаква повреда која води кон ваква флагрантна одлука! По погребните обреди, едвај неколку дена по смртта на 15 лица како последица на сообраќајна несреќа, владата не се занимава со итна истрага на случајот, туку му задава уште еден удар на Гостивар! Ако целта на оваа влада е да го уништи Гостивар од листата, со разотидување на нејзини луѓе низ светот или толку близу за да им се случуваат несреќи по патот и да не се вратат дома живи, тогаш оваа одлука без преседан, ја има својата смисла! Но, ако оваа влада го сака Гостивар на ист начин како Скопје или Штип, таа веднаш треба да го запре тоталитарното однесување во Гостивар! Се срамам што сите амбасадори кои постојано комуницираат со мене за трагедијата што не снајде, ќе мора да ги информирам за оваа аматерска, смешна, неморална, непријателска и дискриминаторска одлука! Барам лично внимание од премиерот на државава за овој случај, бидејќи не сакам да верувам дека е точно информиран што се случува“, напиша Таравари на Фејсбук.

Во реакцијата на МОН го обвинија Таравари дека шири дезинформации и шпекулации, објаснувајќи дека одлуката ја донеле откако продолжиле незаконити активности од градоначалникот.

„Вистината е во тоа дека по извршените инспекциски надзори од страна на Државниот инспекторат за образование во општина Гостивар, беа констатирани идентични неправилности, за коишто еднаш на Општина Гостивар и беа одземени надлежности во областа на образованието. Поради оваа причина, МОН е должна да ги преземе сите неопходни мерки коишто ги налага законот, во насока на привремено одземање на надлежностите на Општина Гостивар за именување и разрешување на директори на општински средни и основни училишта. Поточно, тоа што беше констатирано во оваа општина е следното: непочитување на законските одредби од страна на градоначалникот во постапките за назначување и разрешување на директорите на основните и средните училишта; разрешувањата на директорите, според она што е констатирано од страна на Државниот просветен инспекторат, биле извршени без процедури предвидени со закон, додека назначувањето на новите директори, кои не само што не ги исполниле условите и критериумите за овие позиции, туку биле извршени со непочитување на постапките предвидени со закон“, соопштија од МОН.

Од Министерството упатија и апел до Општина Гостивар и Таравари да не ја вклучуваат политиката во воспитно-образовниот процес, бидејќи штетата се нанесува единствено на учениците.

Претходно, во февруари минатата година, МОН исто така ги одзеде ингеренциите на Општина Гостивар за менување директори на основните и средните училишта на територијата на Општината.