Таравари ќе го укинува интермедијарниот испит за специјализантите, тие бараат нов Закон за здравствена заштита

Министерот за здравство Арбен Таравари на вчерашната пред-конференција потврди дека ќе се укинува интермедијарниот испит кој специјализантите по медицина требаше да го полагаат по втората година, со тоа што ако паднат го губеа правото да ја продолжат специјализацијата. Ваквата одлука беше поздравена од младите лекари и специјализанти, кои во повеќе наврати алармираа за бројните проблеми кои ги предизвика носењето на Законот за здравствена заштита во 2015 година, во време на министерувањето на Никола Тодоров. За одликата на Таравари, предизвиците пред младите лекари, но и проблемот со нивното иселување, во интервју за Радио МОФ зборува докторката Елена Цветиновска од Здружението на лекари специјализанти – ЗЛС, продолжение на неформалната Група специјализанти и идни специјализанти.

Колку е важна оваа одлука за вас и што ќе претставуваше воведувањето на интермедијарниот испит за младите лекари?

Во овој момент можеби најважна. Во септември првата генерација по новиот модел на специјализирање требаше да го полага овој испит. Специјализантите навистина беа под огромен стрес бидејќи неположување на испитот значеше и губење на специјализацијата, следствено и активирање на мениците за државните специјализанти. Мислам дека не постои друга земја, високообразовна установа или професија каде што нема втора шанса за полагање испит. Евидентно беше дека целата замисла е прекомплицирана и невозможна за објективно спроведување. Потребни беа да се исполнат бројни предуслови за воопшто специјализантите да се стекнат со право за полагање на испитот, а голем дел од тие предуслови не зависеа од самите специјализанти, да се отвора дури и прашањето дали целта на испитот е елиминаторна, а не само формална проверка на знаења пред преоѓање во следниот едукативен циклус.

Поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во 2015 година го најави воведувањето на новиот модел за специјализирање со измените на Законот за здравствена заштита, кој според него се темелеше на „германскиот модел како и на искуства од Соединетите Американски Држави, Франција, и други странски држави.” Од самиот почеток младите лекари упатија силни критики кон овој модел. Што всушност Ви донесе Законот за здравствена заштита и како ова влијаеше на иселувањето на младите доктори?

Законот донесе многу проблеми. За приватните специјализанти донесе полно работно време од 8часа дневно и редовни 24 часовни дежурства без да бидат ниту еден денар платени. За државните специјализанти донесе меници и “лихварски договори” т.е. обврска по специјализирањето да работат во одредена здравствена установа и до 15 години по завршување на специјализацијата и ако од било која причина се раскине договорот да платат и до 120 000 евра казна. Ни донесе дискриминација во однос на мајчинство и болест. Ни донесе едукативна програма со дискутабилен квалитет, ни донесе целосно неприменлива стручна литература, непотребни трошоци за меѓународни сертификати за англиски јазик и на крај ни ги донесе детално дефинираните интермедиерен и специјалистички испит со скоро невозможни рокови и критериуми за положување. Предвиденото видеоснимање и емитување во живо на интернет беше врвот на небулозите.

Во октомври 2015, се уште како неформална Група на специјализанти и идни специјализанти, поднесовме петиција потпишана од 350 специјализанти и млади лекари до Министерот за здравство, Владата, Комисијата за здравство и сите пратеници во Собрание на РМ. Главниот акцент во петицијата беше токму на овие проблеми, но немаше слух за нашите барања и со ново дополнување на Законот за здравствена заштита се воведоа кофинансираните специјалзиации кои по ништо значајно не се разликуваа од државните специјализации. Министерството и Владата тогаш го бетонираа ставот дека овој модел треба да опстане како ваков по секоја цена. Ова придонесе многу млади лекари буквално да ги “спакуваат куферите”. Тие едноставно пресметаа дека подобра инвестиција е да ги вложат нивните пари и енергија за учење германски јазик отколку да се борат со ветерници. Знаеме и за повеќе државни специјализанти со веќе потпишани договори одлучија дека за нив е подобро да ги “платат пеналите” и да заминат. Затоа и излеговме на протестот во февруари 2016 година, да кажеме НЕ за се што предвидовме во законот дека ќе придонесе за егзодус на младите лекари. Решавањето на овие проблеми, воедно ќе биде и најзначаен чекор за спречување на миграцијата.

Кои се сега вашите барања и што треба да биде приоритет?

Нашита барања и понатаму се непроменети. Сметаме дека овој модел на специјализирање колку и да е добар за САД или земјите во ЕУ, сепак за нас е неприменлив и треба целосно да се ревидира. Ставот на ЗЛС е дека е потребен сосема нов Закон за здравствена заштита и регулирањето на најголемиот дел од работите да биде сведено на правилници или веќе постоечките закони. Сегашниот закон во делот за специјализациите е преобемен, предетален и има премногу преклопувања со други закони. На пр. боледувањата и мајчинството веќе се регулирани во Законот за работни односи, додека пак процесот на едукација, стручната литература и моделите за спроведување на проверка на знаењето треба да бидат регулирани на ниво на нов Правилник за специјализации и истиот да бидат реален и применлив во нашиот здравствен систем, а не само препишан од туѓ модел.

Сепак, најитен проблем кој треба да се реши се платите за приватните специјализанти и укинување на лихварските договори на државните специјализанти. Тоа е нашето прво, основно и единствено барање кое треба да се реши пред да се премине на решавање на другите проблеми. Ние сме лекари со лиценца за работа, работиме и треба да ни следува плата за одработеното. Специјализантите прегледуваат пациенти, асистираат на операции во хируршките сали, дежураат во ургентните центри, работат во смени, работат на повик. Приватните специјализанти имаат семејства за прехранување и наместо да зависат од кредити и од родителите, треба да се реши нивниот основен егзистенцијален проблем за да може да се посветат на специјализацијата. Од друга страна државните специјализанти врзани со лихварските договори често се жртви на мобинг, им се кратат надоместоци кои законски им следуваат, дежурствата често не им се платени, а поради недостаток на кадар многу често матичните установи им ја прекинуваат специјализацијата и ги повлекуваат и на повеќе месеци да работат во здравствените установи каде што примарно се вработени.

Каква е соработката на Здружението на лекари специјализанти со Таравари? Дали имаат слух за вашите барања?

Коректна. Министерот е информиран за сите проблеми и покажува волја за изнаоѓање решенија. Во иднина очекуваме комуникацијата и соработката да се интензивира. Ја поздравуваме одлуката да се приfати нашето барање за укинување на интермедиерниот испит како прв конкретен чекор и доказ дека Министерот засега има слух за нашите проблеми.

Лекарите специјализанти на протест, институциите глуви за нивните барања

Ј.Ј.