Во Тајван стапува на сила нов закон со кој се забранува евтаназија за животни. Тој доаѓа речиси една година по самоубиството на ветеринарка.
Можеби ветеринарката и љубител на животни Чиен Чи-Ченг била на погрешно место, во погрешно време, пишува Би-Би-Си.
„Таа често работеше прекувремено, ретко имаше нормална пауза за ручек, и го жртвуваше својот одмор за да им одаде на кучињата повеќе внимание и да ги направи нивните животи подобри”, се сеќава нејзината колешка Вини Лаи, од засолништето за напуштени кучиња во Таојуан Сити.
По нејзиното дипломирање на најдобриот универзитет во Тајван, со највисоки резултати, Чиен можела да бира работа во канцеларија, но одлучила лично да се грижи за миленичињата кои секоја година се напуштаат во Тајван.
Фоајето на засолништето е украсено со слики на животни, направени од Чиен, со цел да ги поттикне клиентите да посвојуваат, но многу од нив биле успиени.
На 5 мај минатата година, таа си го одзела животот, користејќи го истиот лек што го користи за да ги успие животните. Таа претходно изјавила дека сака да им помогне на луѓето во Тајван да разберат што им се случува на уличните животни.
Во интервју кое Чиен го дала во една локална телевизиска станица, таа го опишала првиот пат кога видела животно како се успива.
„Отидов дома и плачев цела ноќ”, рече таа.
Но, поради нејзините настапи во медиумите, таа почнала да добива лични напади. Кога било откриено дека направила евтаназија на 700 кучиња во две години, таа била нарекувана како „убавата месарка”.
Вработените во засолништето се плашеле да ги успијат кучињата, но Чиен сметала дека тоа е подобар крај за несаканите, старите или тешко болните животни, наместо да бидат подложни на ризик да фатат некоја болест во преполните засолништа.
Властите велат дека ова нема никаква врска со самоубиството на Чиен и дека нејзината приказна едноставно е човечка трагедија.
Тие ветуваат дека ќе го зголемат буџетот за засолништата, како и бројот на вработени, а ќе обезбедат и психолошко советување. Но, многумина го гледаат ова како краткорочна мерка.
Активистите сакаат владата да се бори за одгледувачите, да обезбеди субвенции за невладините организации кои работат со животни, но и да им помогне на групите кои вдомуваат скитници.