Тајландската влада ги забрани протестите и објавувањето „чувствителни вести“, соочувајќи се со ескалација на протестите против кралот Маха Ваџиралонгкорн и премиерот Прајут Чан-оке. Во рок од 30 минути од стапувањето на сила на итната уредба во 4 часот наутро, интервентната полиција тргна кон демонстрантите кои кампуваа пред канцеларијата на Прајут, барајќи неговa замена и нов устав, пренесува „Ал Џазира Балканс“.
Полицијата соопшти дека уапсила дваесетина лица кои одбиле да соработуваат, вклучително и двајца лидери на протестите кои биле најгласни во критикувањето на монархијата, односно, се работи за активистите Парит Чирават и Арнон Нампу.
За да се оправдаат итните мерки, кои вклучуваат забрана за собирање на пет или повеќе лица, владата, меѓудругото, се повика на се поголемиот неред, економската штета и ризикот од ширење на коронавирусот.
„Исклучително е важно да се воведат итни мерки за ефикасно и брзо завршување на оваа состојба со цел да се одржи мирот и редот“, се вели во уредбата.
На улиците вчера излегоа десетици илјади демонстранти кои отидоа до зградата на владата и се заколнаа дека ќе останат таму сè додека Прајут не замине. Но, повеќето од нив заминаа за време на ноќта. Неколкумина демонстранти кои се обидоа да се спротистават на полицијата, зад импровизираните барикади, брзо беа растерани.
„Сè уште не успеавме да ја вратиме вистинската демократија. Ќе се вратам. Мораме да ја продолжиме борбата, дури и ако ги ризикуваме нашите животи“, рече 54-годишниот Сун Патонг.
Истакнатата студентска активистка Панусаја Ситиџираватанакул рече дека ќе го продолжат протестот кој е планиран за во 16 часот.
Уредбата, исто така, забранува и објавување вести или информации на интернет кои „можат да создадат страв“ или „да влијаат на националната безбедност“.
Целта на протестното движење е замена на Прајут, бидејќи, како што посочуваат демонстрантите, тој манипулирал со минатогодишните избори за да ја задржи власта. Тој пак, тврди дека изборите биле фер.
Демонстрантите кои маршираат на улиците, исто така, сакаат и нов устав, односно бараат намалување на овластувањата на кралот. Во вторникот, по апсењето на 21 демонстрант, насобраните граѓани извикуваа кон кралската колона во Бангкок. Во средата пак, демонстрантите го забавија конвојот возила каде се превзуваше кралицата Сутида, извикувајќи „оди си“.