Табуата главна пречка за развој на женското претприемништво

Жените во Македонија се застапени во претприемништво со 32 проценти, но не сите од нив ја вршат работата. Во компанииите претежно фигурираат во име на сопруг, брат или други членови на семејството. На високи позиции се само во услужните дејности.

Табуата главна пречка за развој на женското претприемништво

Значителни се разликите и во износот на нивните плати во споредба со платите на мажите. Таквата состојба, според здруженијата и организациите на жени, може да се промени со надминување на табуата за амбициите на жените и нивна добра организираност, пренесе МИА.

– Жени на менаџерски позиции во Македонија се 12 проценти, но тоа не значи дека сме го пробиле стаклениот кров што го има секаде во светот. Нашите жени се претежно директорки на училишта, на градинки, значи на услужни дејности. Застапени се во многу мал сегмент и тоа не го сметаме за добра бројка. Дванаесетте проценти треба да се зголемат и во други бизниси, изјави Валентина Дисоска, претседател на Здружението на жени на Македонија, организатор на денешната конференција за женско претприемништво, што се одржува во Скопје.

Разликите во платите меѓу мажите и жените, посочува Дисоска, постојат, а најмногу се изразени кај менаџерските позиции. – Сметаме дека ние жените сами не знаеме да се застапуваме и да си ги побараме повисоките плати, а не дека не сме ги заслужиле, нагласи Дисоска.

Според Јосет Дајхозе, претприемачка од Холандија, женското претприемништво треба да се стимулира и мотивира и да се разменуваат искуства, особено во делот на табуата, кои што постојат во Македонија како и во сите останати земји. – Главни пречки се тоа што жените не се вреднувани на ист начин како мажите и поголеми се тешкотиите за жените да стигнат до финансии. Ние сметаме дека заслужуваме да стигнеме до одредено ниво на развој. Треба добро да се разјаснат улогите меѓу мажите и жените за да се постигне економска стабилност и зајакнување на женското претприемништво, изјави Дајхозе.

Главно табу, истакнува, е тоа што амбицијата на жената не е препознаена и разбрана од другите. – Жените не влегуваат веднаш во ризик како мажите и дејствуваат полека, но стабилно. Создаваме вредности за вработување, но исто така и за развој на социјално претприемништво. Не само од аспект на БДП и бизносот, туку и во рамки на семејствата, посочи Дајхозе.

Според неа, женското претприемништво во Македонија, од аспект на квантитет се наоѓа на исто ниво како и во Европа. – Факт е дека степенот на образование е многу повисок споредено со одредени земји така што мислам дека можете многу побргу и поквалитетно да одите напред, нагласи Дајхозе.

Миле Бошков, претседател на Бизнис конфедерација на Македонија, смета дека жените може да бидат пример за водење бизнис поради сигурното корпоративно управување со компаниите и квалитетниот пристап во работењето, носењето одлуки. – Генерално, моментно улогата на жената во колективниот дијалог и социјалното преговарање во заштитата на човековите права и градењето човечки ресурси и капацитети во компаниите не е на големо и завидно ниво. Сметаме дека тоа ќе може да се поправи со дејствување преку Здружението на жени, изјави Бошков.