„Свирложба VII“ повторно во гимназијата „Никола Карев“

Во дворот на скопската гимназија „Никола Карев“ на 14 септември ќе се одржи реприза на „Свирложба VII“ со темата „Петтиот елемент“.

Се работи за средношколски настан од уметнички карактер кој вклучува свирка, изложба, цртање во живо, драмски текстови и перформанси.

„Пред многу години, досетливиот Платон по долго размислување се обидел да ја објасни смислата на постоењето. Тој велел дека сè што постои е создадено од 4 елементи: земја, воздух, вода и оган. Размислувањата и уникатноста на Платон довеле до воведување на нов, петти елемент – етерот, кој според него ja претставувал душата на природата. Но што е етерот? Нешто што може тешко да се одговори, или воопшто не може? Штом основните четири елементи се материите, коишто се претвораат и реагираат едни со други, тогаш етерот е самиот простор во кој настануваат сите преобразби. Со оглед на ова може да земеме предвид дека етерот е суштината, основата и движечката сила на сè околу нас. Велиме дека тоа е искрата поради која добиваме желба да правиме било што, и таа искра за секого е нешто различно и посебно“, се вели во најавата за настанот на „Art House Karev“.