Музичарите Јордан Костов, Филип Букршлиев и Тејка Васиљевиќ, соединети заедно како „Свирци Вардарци“ (Svirci Vardarci), го објавија своето прво истоимено долгосвиречко издание под етикетата на независнaта куќа „Шарла“ (Sharla).
„’Свирци Вардарци’ е современо/фузиско трио од Скопје, Македонија. Нивната музика претставува мешавина од различни стилови, донесени преку богатото музичко искуство на членовите. Можеби, тоа е љубопитно и разиграно дете што постојано открива нови нешта, создава своj имагинариум, одбивајќи да порасне во еден за*бан свет. Можеби. Ова е нивниот деби албум (LP)“, стои како инфо од изданието, кое може да се преслуша и поддржи преку Бендкемп-от на „Шарла“.
Се работи за издание со четири теми. На првата тема наместо Васиљевиќ заедно со Костов и Букршлиев свири Андреас Гунтер.
„Свирци Вардарци“ е снимeно во студио „Алшар“. Миксот е на Ивица Јанкуловски, продуцент е Јордан Костов, додека за фотографијата/омотот беше задолжен Давид Ангелевски.