Светски уметници со отворено писмо до претседателката на ЕК, ја обвинуваат полската влада за хомофобија

Десетици светски писатели и режисери испратија отворено писмо до претседателката на Европската комисија (ЕК) во кое ја обвинуваат полската владејачка партија дека толерираат хомофобија, пренесува српски „Н1“.

Писмото е потпишано од повеќе од 80 писатели, режисери, актери, историчари и филозофи, меѓу кои и шпанскиот режисер Педро Алмодовар, канадската писателка Маргарет Атвуд и полската писателка, добитничка на Нобеловата награда Олга Токарчук.

Во писмото испратено на 17 август се изразува солидарност со активистите и нивните сојузници кои се „жртва на апсења, бруталност и застрашување“.

„Хомофобната агресија во Полска расте бидејќи се толерира од владејачката партија, која сексуалните малцинства ги избра како жртвени јагниња, без оглед на безбедноста и благосостојбата на граѓаните“, се вели во писмото упатено до претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен.

Писмото го потпишале и писателите Пол Остер, Џон Максвел Куци, Иан Макјуан, Лејла Слимани, како и актерите Ед Харис и Џејмс Нортон.

„Ја повикуваме полската влада да престане да ги таргетира сексуалните малцинства, да престане да ги поддржува организациите кои шират хомофобија и да преземе мерки против одговорните за незаконските и насилни апсења на 7 август“, се наведува во писмото.

На 7 август во Варшава десетици демонстранти беа уапсени на протестот организиран поради апсењето на активистот познат како Марго.

Марго исто така беше еден од организаторите на протестот пред инаугурацијата на реизбраниот полски претседател Андреј Дуда, кој во кампањата пред вториот круг на изборите на 12 јули изјави дека ЛГБТ и сексуалните малцинства не се луѓе туку идеологија полоша од болшевистичката.

Потписниците на писмото исто така изразија загриженост за иднината на демократијата во Полска, „земја со неверојатна историја на борба за слобода и спротиставување на тоталитаризмот“.

Тие ја повикаа Европската комисија и нејзината претседателка „веднаш да преземат чекори за одбрана на основните европски вредности, еднаквоста, недискриминацијата и почитување на правата, кои се кршат во Полска“.