Светски ден на слобода на медиумите – новинарите пред големи предизвици

Светот денеска го одбележува 3 мај, Светскиот ден на слободата на медиумите со укажувања дека оваа слобода бележи тренд на ограничување. ООН потсетува дека само лани убиени биле 70 новинари, односно 14 медиумски работници од почетокот на 2014 година. Во текот на 2013 година пак затворени се 211 новинари ширум светот.

Медиуми

„Светскиот ден на медиумите е потсетник колку е важна слободата на медиумите и нивната основна улога во опшетството“, изјави претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, објави Ал Џезеира. Мијатовиќ додава и дека е загрижена бидејќи безбедноста на новинарите е се позагрозена, особено со развојот на настаните во Украина.

Комесарот за човекови права на Советот на Европа, Нилс Мужниекс пак упати повик за заштита на слободата на информирање во земјите-членки на Советот на Европа.

„ Денес е потребно многу храброст за да се работи како новинар. Во текот на последните 12 месеци, стотина новинари, фотографи и камермани ширум светот беа убиени, ранети, грабнати или зложени на закани и судски гонења. Европа не е исклучок: забележуваме исти загрижувачки постапки во обид да се ослабе слободата на печатот – постапки против кои треба да се бориме по секоја цена“, вели комесарот Мужниекс, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Според него, во секоја демократија која функционира, потребен е слободен, заштитен, независен и плуралистички печат, бидејќи тој придонесува за заштитата на сите други човекови права. Често, благодарејќи на храброста на новинарите се откриваат случаите на дискриминација, корупција, злоупотреба на власта или тортура, смета тој.

„Слободата на печатот е фундаментално човеково право признато во националните законодавства и во меѓународното право, на прво место во Универзалната декларација за човековите права и Европската конвенција за човекови права, која исто така го заштитува и физичкиот интегритет на новинарите, но и покрај ова, Европа не е сигурно место за печатот“, нагласува Мужниекс.
Пред две недели организацијата Freedom House го објaви извештајот за слободата на медиумите во 197 земји во изминатата година. Македонија се наоѓа на 122 место, на дното од земјите во регионот. Србија е 74 место и оценета како делумно медиумски слободна земја. Пред неа е само Словенија на 39 место, Црна Гора е 78 место, Хрвтска на 83, Косово на 98 и Босна и Херцеговина на 103 место по слобода на медиумите.

Годинава на Светскиот ден на слободата на медиумите 3 мај, Македонија ја одбележува со пад на светските листи и во друштво на држави како Конго и Кенија. Според последниот извештај на Фридом Хаус, од 2009 година, земјава бележи пад од 11 места и годинава се најде на 122. место во групата „делумно слободна“ во однос на слободата на медиумите. Во извештајот на Репортери без граници, според индексот за нивото на слободата на информирање во 180 земји, Македонија се најде на 123 место, со што има пад од нови шест места во однос на претходната година.