Светската ѕвезда Андре Риу повторно ќе настапи во Скопје

Андре Риу, познат уште како холандскиот „крал на валцерот”  заедно со својот оркестар „Јохан Штраус”,  во ноември повторно ќе настапи во Скопје како дел од својата светска турнеја.

Публиката ќе има шанса на 27 ноември во спортската сала „Борис Трајковски“ да чуе сосема нова програма исполнета со фантастични филмски мелодии, мјузикли, опера и оперета како и традиционална музика, соопштија од „Пасворд продукција“.

„Јас и мојот оркестар сме многу радосни за повторното гостување во Скопје во склоп на нашата светска турнеја”, вели Андре Риу.

„Концертот во 2019-та беше навистина емотивен и незаборавен, а прекрасната публика не’ пречека со огромен ентузијазам. Со нашето враќање во ноември ја прославуваме љубовта, животот и секако, музиката“, додава тој.

Риу се наоѓа на првото место на над 30-тина топ-листи, добитник е на 500 Платинум награди и досега продал повеќе од 40 милиони ЦД и ДВД изданија. Неговите видеа на „Јутуб” надминуваат милијарда прегледи, а „Њујорк Тајмс“, го нарече вистински „Маестро на публиката”.

Билетите за настапот ќе бидат достапни во продажба од среда (11 март) од 10 часот на www.andrerieu.com , mktickets.mk и на www.karti.com.mk.