Светот ја надмина бројката од 100 милиони заразени со Ковид-19

Изминатово деноноќие светот надмина 100 милиони регистрирани случаи на заразени со коронавирусот, бројка која нагло растеше изминативе недели откако голем број држави се справуваат со нови пикови од вирусот.

Повеќе од четвртина од сите случаи се регистрирани во САД, а само шест најпогодени светски држави – САД, Индија, Бразил, Русија, Велика Британија и Франција, учествуваат со повеќе од 50 проценти од сите досега регистрирани случаи.

Вистинската бројка на заразени сигурно е многу повисока поради големиот број асимптоматски случаи кои никогаш не ни почувствувале дека се болни, но и поради недостаток на тестирање во голем број држави.

Според интернет-страницата „Ворлдометерс“ од почетокот на пандемијата до денес починале нешто повеќе од 2 милиони и 167 илјади луѓе, а целосно оздравени од вирусот се скоро 73 милиони лица.

Ако се изостават државите со многу мал број на население, како Андора, Сан Марино и Гибралтар, во светот најмногу случаи на Ковид-19 на еден милион жители има регистрирано во Црна Гора, Чешка, Луксембург, САД и Словенија. Најмногу смртни случаи на еден милион жители пак се регистрирани во Белгија, Словенија, Чешка, Велика Британија и Италија.