Директорот на Светската здравствена организација, Тедрос Аданом Гебрехесус, денеска предупреди дека светот ќе се соочи со „катастрофален морален неуспех“ ако богатите држави ги приграбат вакцините против Ковид-19 на сметка на посиромашните земји.
„Треба да бидам отворен. Светот е на раб на катастрофален морален неуспех чија цена ќе биде платена со животите и средствата за живот во најсиромашните земји во светот“, рекол Гебрехесус на отворањето на виртуелниот состанок на организацијата во Женева.
Тој го осудил себичниот став на богатите земји и остро ги искритикува производителите на вакцини кои бараат регулаторни одобрувања во богатите земји, наместо да ги дадат своите податоци на СЗО и да добијат дозвола за употреба на нивните вакцини на светско ниво.
Оценувајќи дека е компромитиран рамноправниот пристап до вакцините против коронавирусот, тој рекол дека се дадени 39 милиони дози од вакцината во 49 богати земји во светот.
Меѓу еден од примерите тој навел една сиромашна држава која добила само 25 дози од вакцината.
„Не 25 милиони, не 25 илјади, туку само 25“, рекол Гебрехесус без да посочи за која земја станува збор.
Истовремено тој укажал дека иако некои држави даваат ветувања за рамномерен пристап за вакцината, тие сепак даваат приоритет на нивните директни договори со производителите, со што се подига цената на вакцината во намера да се заобиколи редот.
„Тој себичен пристап не само шо ги загрозува најсиромашните и најчувствителните во светот, туку е и осуден на неуспех“, предупреди шефот на СЗО.