Хаос повторно избувна вчера, додека десетици илјади очајни Палестинци во Појасот Газа се обидуваа да соберат храна од местата за дистрибуција управувани од нова фондација поддржана од САД и Израел. Повеќе сведоци пријавија дека луѓето зграпчуваат помош и рекоа дека израелските војници започнале да пукаат за да ги контролираат толпите, пренесува новинската агенција Асошиејтед Прес (АП).
„Дојдов да земам вреќа брашно… конзерва сардини или нешто слично. Нема храна во мојата куќа и не можам да добијам храна за моите деца“, рече Махмуд Исмаел, човек на патерици од претходна повреда на ногата, кој додаде дека пешачел километри за да стигне до центарот, за да си замине со празни раце.
Превирања го зафатија системот за помош што го започна оваа недела Хуманитарната фондација Газа, која управува со три дистрибутивни центри на територијата. Израел најави дека GHF ќе ја преземе дистрибуцијата на храна во Газа и покрај противењето на Обединетите нации и повеќето хуманитарни групи. Израел сега контролира околу 70% од Газа.
Во текот на изминатите три дена, имаше извештаи за пукање во центрите на GHF, а здравствените службеници во Газа изјавија дека најмалку едно лице е убиено, а десетици се ранети.
Израелската војска соопшти дека неодамна го олеснила влезот на речиси 1.000 камиони со залихи во Газа и ги обвини ОН дека не ја дистрибуирале стоката. Тврдеше дека Хамас е одговорен за кризата со кражба на помош и одбивање да ги ослободи преостанатите заложници.
Портпаролот на војската, бригаден генерал Ефеи Дефрин, изјави дека армијата ќе продолжи „да ги задоволува хуманитарните потреби на цивилното население, преземајќи ги потребните чекори за да се осигури дека помошта нема да стигне до рацете на Хамас“.
Од друга страна пак, Израел го прифати новиот предлог на САД за привремено примирје со Хамас, соопшти Белата куќа вчера.
Специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, претходно оваа недела изрази оптимизам за посредување во постигнување договор за запирање на војната меѓу Израел и Хамас и враќање на повеќе од заложниците заробени во нападот што ја започна.
Прес-секретарката на Белата куќа, Каролин Ливит, изјави за новинарите дека Израел го поддржува и прифаќа новиот предлог на САД за привремен прекин на огнот во Газа, додека Хамас „одговара ладно“.
Претставниците на Хамас рекоа дека сакаат подетално да го проучат предлогот пред да дадат официјален одговор.
„Ционистичкиот одговор, во суштина, значи продолжување на окупацијата и продолжување на убивањето и гладот“, изјави за Асошиејтед Прес Басем Наим, висок функционер на Хамас. Тој рече дека тоа „не одговара на ниту едно од барањата на нашиот народ, меѓу кои пред сè е запирање на војната и гладот“.
Сепак, додаде дека групата ќе го проучи предлогот „со сета национална одговорност“.
Хамас претходно изјави дека се согласил за „општа рамка“ на договор што би довел до траен прекин на огнот, целосно повлекување на Израел од Газа, прилив на помош и префрлање на власта од милитантната група на политички независен комитет на Палестинци.