Свечено затворен фестивалот „Браќа манаки“, Јани Петери Паси добитник на златна „Камера 300“

Со доделување на наградите за најдобрите кинематографери, синоќа во Битола заврши 37. издание на фестивалот филмска камера „Браќа Манаки“. Кинематограферот од Финска, Јани Петери Паси  е годинашен лауреат на златна „Камера 300“ за филмот „Најсреќниот ден во живото на Оли Маки“.

„Тој создава една автентична и лирична атмосфера која ја обзема публиката и го доловува духот на времето и уникатното искуство на главникот лик“, се вели во образложението на интернационалното жири во состав со претседателот Федон Папамихаил и членовите Клер Пијман, Владимир Самоиловски, Алин Ташчијан и Ѓокан Тирјаки.

Јани Петери Паси сосем изненаден и со неверување ја прими наградата, со оглед на тоа што тој и неговата екипа за прв пат правеле долгометражен филм. „Дали сте сигурни дека нема да ми ја земете? На церемонијата на отварањето сведочев перформанс каде што девојка со митралез покажуваше кон публиката каде што седеше и претседателот на Републиката. Тоа беше многу чудно, но уште почудно е тоа што јас добивам награда“, рече Паси.

Добитник на Сребрена Камера 300 е Рубен Импенс од Белгија за  филмот „Белџика“. Жирито во своето образложение потенцира дека наградата е „заради рефлексијата на интензитетот на чувства и бидејќи ни дозволува да влеземе во светот на ликовите преку енергичната кинематографија“.

Импенс со голема емоција ја прими наградата, заблагодарувајќи и се на сопругата, режисерот и жирито што му ја додели оваа награда, додавајќи дека во Битола треба да се направи аеродром, за патот до фестивалот да биде пократок.

Бронзената Камера 300 ја доби Матијас Троелструп од Данска, за филмот „Бенг генг“ (Модерна љубовна приказна)“, а за „прецизноста на неговиот младешки стил во хармонија со содржината која е истовремено и реалистична и соновна“.

Понатаму, добитник на наградата Мала Камера 300 од селекцијата на кратки филмови е кинематограферот Лука Коасин од Франција, за филмот „Паркот“– заради оригиналниот концепт и успешната реализација.

Федон Папамихаил, претседателот на жирито воедно ја доби и наградата Златна камера 300 за особен придонес во светската филмска уметност. Од име на фестивалот, наградата му ја врачи Роберт Насков, претседателот на Друштвото на филмските професионалци на Македонија.

„По моето име може да забележите дека сум од Балканот, а тоа значи дека споделуваме заедничка историја. Нашата уникатна можност како кинематографери и уметници е тоа што можеме да ги преминуваме границите по пат на визуелно раскажување на приказни и на тој начин може да ги победиме сите препреки што ќе ни се појават на патот“, рече Папамихаил.

Горјан Тозија, во име на друштвото на филмски професионалци од Македонија, наградата „Голема Ѕвезда“за исклучителни резултати во македонската кинематографија му ја додели на филмскиот продуцент Сајмон Пери.

„Сајмон Пери е човекот без кого македонската кинематографија немаше да биде ваква каква што е и немаше да го има својот најголем успех со филмот ’Пред Дождот’. Тој го препозна Милчо Манчевски и потенцијалот на филмот и застана цврсто и самоуверено зад тој проект. Сајмон Пери е човек кој им овозможи на многу млади и непознати режисери да го остварат својот сон. Во тие турбулентни години за Македонија како држава, тој се бореше и како продуцент и како човек кој ја чувствува Македонија како своја земја“, рече Тозија.

Сајмон Пери примајќи ја наградата истакна дека благодарение на Манчевски го развил интересот кон кинематографијата на овој дел од светот, а овде се чувствува како дома. За разлика од Федон, рече тој, не може да тврди дека е од Балканот, но се сеќава дека по една прес конференција некој му рекол „Мислам дека сте од Македонија, имате големи стапала!“

„Сум продуцирал и копродуцирал филмови во многу земји, но благодарение на Милчо Манчевски интензивно се заинтересирав за филмовите кои се создаваат во во овој дел од светот и тој интерес со текот на времето стануваше се поинтензивен. Кога и да дојдам се чувствувам како дома и навистина ми претставува голема чест и задоволство да добијам награда од луѓето во овој дел од Европа“, рече Пери.

По доделувањето на наградите, а пред проекцијата на филмот „Златната петорка“, директорот на фестивалот, Благоја Куновски – Доре го затвори 37. издание на фестивалот, заблагодарувајќи се и на искрена посветеност на филмската уметност.

„Фестивалите се прават за публиката. Вие сте таа публика која ја имаше привилегијата да ги види емоциите на добитниците на наградите, спонтано, како нормални луѓе, горди дека се дел од овој фестивал“, рече Куновски, обраќајќи и’ се на публиката.

На почетокот на церемонијата имаше своевиден упад на сцената, кога водителката од отворањето на фестивалот се соблече боса, но организаторите не кажаа, а и голем дел од присутните се уште не знаат дали ова беше планиран или ненадеен акт. Во контекст на реакциите околу откажувањeто на перформансот „Будење на пролетта“ за затварањето на фестивалот, Куновски рече дека некои луѓе иако им е понудено не ја заслужуваат шансата да бидат дел од мозаикот на фестивалот и ја злоупотребуваат. Тој изрази особено задоволство од посетеноста на проекциите и од публиката на фестивалот.

„Ние сме посебно задоволни што секој ден особено на вечерните проекции доаѓаа луѓе кои се искрени вљубеници во филмот. Битола ја има таа традиција, на која што ќе и останеме доследни во пресрет на 40 издание на фестивалот. Верувајте дека е големо достигнување за три ипол месеци да се направи вакво издание на фестивалот, со ваква програма, со вакво жири, со вакви лауреати од калиброт на Џон Сил, Федон Папамихаил и Сајмон Пери, па и ИМАГО да организираат конгрес во склоп на фестивалот. Во овие осум денови низ улиците на Битола чекореа околу деведесет светски кинематографери“, рече Куновски.

По свеченоста на доделувањето на наградите, беше прикажан филмот „Златна петорка“ во режија на Горан Тренчовски, а по проекцијата екипата на филмот се поклони пред публиката во Битола.