Со маси и столчиња пред Владата, попладнево угостителите кои организираат свадбени свечености одржаа уште еден протест. Тие повторно го изразија револтот од што не можат да организираат поголеми прослави поради мерките за спречување на ширење на Ковид-19. Тие побараа да се донесат протоколи за работа и за организирање вакви настани.
„Ние бараме да ни дозволат да работиме како што работат и другите ресторани, ништо друго не бараме“, велат организаторите на протестот.
На настанот се појави и вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, со кого организаторите се договорија во наредните денови да имаат нова средба и дека тој ќе ги консултира Комисијата за заразни болести и Пазарниот инспекторат во однос на протоколите и дозволата да работат како рестораните.
„Секој живот е важен, сите мораме да ги почитуваме протоколите и препораките на Комисијата за заразни болести, ќе разговараме но првата мисла е безбедноста по здравјето на секој еден. Денеска имав, иако невообичаена, сепак успешна средба со угостителите кои организираат прослави. Разговорите и барањето на заеднички начини за справување со заедничкиот непријател продолжуваат со сите засегнати и ќе бидат во тек се додека е неопходно“, рече Битиќи по средбата.
Тој им порача на сите кои се во неформалната економија да се формализираат, но и сите да пријавуваат прекршувања на законите и протоколите за работа.
Угостителите веќе неколку дена ги блокираат скопските улици во знак на протест што не им е дозволено да организираат настани.