Суспендирани 370 невладини организации во Турција

Заменик турскиот премиер, Нуман Куртулмуш соопшти дека Министерството за внатрешни работи на Турција ги забрани активностите на 370 невладини организации, вклучувајќи ги и оние за заштита на човековите права и децата.

Според Куртулмуш, забраната е поради нивната наводна поврзаност со тероризам. Тој потенцираше дека организациите не се згаснати, туку суспендирани.

„Постојат силни докази дека се поврзани со терористички организации. Се обидуваме да ги исчистиме државните институции од ѓуленисти. Во исто време се бориме против курдските екстремисти и со Исламска држава, рече Куртулмуш, додавајќи дека турските власти на повеќе различни фронтови се борат против тероризмот.

Како што јавуваат светските медиуми, 153 од 370 организации се сомничат за поврзаност со движењето на Фетулах Ѓулен, 190 за врски со Курдската работничка партија, 19 со левичарската милитантна група ДХКП-Ц, а осум со Исламска држава.