Support Kocani ја обезбеди третата донација на компресивна облека за повредените од пожарот во Кочани

Граѓанската иницијатива Support Kocani ја реализира и третата пратка компресивна облека, наменета за преживеаните лица од пожарот во Кочани. Облеката е веќе предадена на Општата болница во Кочани, со цел да се овозможи правилна рехабилитација и побрзо заздравување, информираат од иницијативата.

„Вредноста на оваа набавка изнесува 2.193.047 денари (35.555 евра), а средствата се целосно обезбедени исклучиво преку донации од граѓани, компании и поддржувачи од земјата и дијаспората. Со ова, вкупната вредност на досегашните три испораки надминува 3,4 милиони денари“, истакнуваат од Support Kocani.

Како што велат, со оваа пратка се опфатени втората тура на нарачки од првите две групи корисници на компресивна облека. Во оваа донација вкупно се обезбедени 176 парчиња специјализирана компресивна облека, изработени по индивидуални мерки за секој од засегнатите лица.

„Благодарение на секој поединец, компанија и пријател кој се вклучи со своја донација, успеавме да ја обезбедиме оваа донација. Воедно, голема благодарност упатуваме до компаниите ‘Julius Zorn GmbH’ и ‘Health 2000’ кои што овозможија квалитетна и навремена медицинска помош. Солидарноста и хуманоста се силата што нè движи напред“, порачуваат од Support Kocani.

Фото: Support Kocani

Иницијативата додава дека и понатаму останува посветена на транспарентност, заедничка поддршка и грижа за повредените, сè додека постои потреба.