„Супорт Кочани“ ја исплати првата тура компресивна облека за повредените во пожарот во Кочани

Иницијативата „Супорт Кочани“ (Support Kocani) ја исплати фактурата за првата тура компресивна облека за потребите на повредените во пожарот во дискотеката „Пулс“ во износ од 923.458,00 денари – средства целосно обезбедени преку донации. Компресивната облека треба да пристигне во Кочани околу 16 јуни.

„Обезбедени се и средства за втора тура компресивна облека, за која на 16ти и 17ти јуни ќе дојдат повторно експерти од Бугарија и ќе започне процесот на земање мерки“, информираат од иницијативата.

Тие изразуваат голема благодарност до фирмите „Julius Zorn GmbH“ и „Health 2000“, кои одобриле попуст од 19.600,00 лева и овозможиле оваа помош да стигне до што повеќе повредени.

„Иако некои процеси траат подолго додека да бидат завршени, ова е доказ дека кога има волја, има и начин. Ви благодариме на сите вас – граѓани, пријатели, непознати хумани срца – покажавте што значи вистинска солидарност“, велат од „Support Kocani“.