Еден од најголемите синџири на супермаркети „Исланд“ ќе престане да го користи палминото масло во своите брендирани производи до крајот на годината.
Во соопштението се вели дека го отстрануваат палминото масло, кое е поврзано со уништување на дождовните шуми, од 130 прехранбени производи и дека ќе го заменат со повеќе еколошки алтернативи како што е сончогледовото масло. Со овој потег, побарувачката за палмино масло би се намалила за 500 тони, велат од компанијата.
Производството на палминото масло резултира со огромна сеча на шумите во Индонезија и Малезија, уништувајќи ги живеалиштата на голем број загрозени видови како што е орангутанот, а со тоа има огромна улога во климатските промени.
Побарувачката за ова масло брзо порасна и може да се најде во огромен број прехранбени, но и хигиенски производи.
Повеќе компании кои продаваат производи што го содржат палминото масло станаа дел од Тркалезната маса за одржливо палмино масло, што претставува организација за само-регулација, а чија цел е да гарантира минимални еколошки стандарди. Сепак, активистички групи ја критикуваа дека не била доволно стабилна.
Ричард Вокер, менаџерот на „Исланд“ вели дека супермаркетот одлучил да го отстрани палминото масло бидејќи на големиот пазар немало ниту едно што може да се верификува како одржливо.
Анкета што ја спроведе „Исланд“, во која учествувале 5 000 луѓе, покажала дека 34 отсто од потрошувачите не биле свесни за палминото масло, и покрај неговата сеприсутност во домаќинските производи, од житарици, до гел за туширање.
Кога биле информирани за негативните ефекти на маслото, 85 отсто од нив изјавиле дека се против тоа да го има во прехранбените производи.