„Судир“ на средношколската и студентската дебата – Дебатно првенство 2025 на 17 и 18 мај

Дебатното првенство 2025 се случува на 17 и 18 мај во просториите на Правниот факултет „Јустијан Први“ во Скопје, на иницијатива на МОФ и „најсилните борци“ – дебатери. Ќе учествуваат 16 тима од повеќе македонски градови, а победниците ќе имаат можност ова лето да ја претставуваат државата и Младинскиот образовен форум (МОФ) на интернационалниот турнир во Прага – „Prague Debate Spring“, заедно со нивниот тренер.

Дора Смилевска / Фото: МОФ

За претстојното првенство поразговаравме со Дора Смилевска, поранешна координаторка на дебатната програма при МОФ, тренер во дебатните клубови и дел од организацијата на настанот.

„Овој турнир е место каде ќе се судрат двата света на дебата – средношколска и студентска. Средношколците ќе дебатираат, а студентите дебатери кои претходно имаат учествувано на студентските дебатни турнири ќе судат. Дебатната програма на средношколците и студентите со години им нуди подиум за покажување на своите говорнички и ораторски способности, критичко размислување и истражување на зададените теми кои подоцна помагаат младите да придонесат во заедницата“, вели Смилевска.

Исто така, додава таа, овој турнир е дополнително искуство и еден чекор поблиску за дебатерите да влезат во тимот за Европско првенство, кое ќе се случи наредната година во Скопје.

Тезата за четирите прелиминарни рунди, гласи: „Овој дом би ги централизирал сите напори за истражување на вселената под единствено меѓународно тело и би ги забранил сите други напори“.

Дебатно првентство 2024, фото: МОФ

Тезите за полуфиналето и финалето, пак, ќе бидат соопштени пред почетокот на рундите, на лице место. Финалето, како што раскажува Смилевска, ќе се снима и прикажува на социјалните мрежи на МОФ во недела.

„Ова е една во низата активности кои ги надоградуваат младите, нивниот начин на размислување, аргументирање, тимска работа и ги прават повлијателни во општеството“, поентира таа.

Дебатниот формат по кој ќе се одржи натпреварот е „World Schools Style debate“, кој ги комбинира британскиот парламентарен и австралиско-азискиот формат на дебатирање. Дизајниран е во 1988 година за да ги задоволи потребите на турнирот на Светското првенство во дебатирање на училишта, а стана популарен на меѓународно ниво како еден од главните формати на дебата во англиските средни училишта.

„Се радуваме што повторно ќе се дружиме со нашите најголеми ентузијасти за дебата. За нас, дебатата освен што е дел од идентитетот на една цела генерација, значи шанса за дружба, насмевки и се разбира натпревар!“, истакуваат од МОФ во најавата за турнирот.

Дебатното првенство 2025 го организира МОФ самостојно, во соработка со Правниот факултет во Скопје и Центарот за студентска дебата при факултетот за просторот.

Скопје ќе биде домаќин на Европското дебатно првенство во 2026 година

Ангела Петкова