Судија од највисокиот суд во Кенија препорача до претседателот на оваа африканска земја да го распушти парламентот во кој доминираат мажи, посочувајќи дека не е исполнета уставната обврска за застапеност на жени во законодавниот дом.
И покрај тоа што во уставот стои дека не смее да има повеќе од две третини пратеници од ист пол, жените сочинуваат само 22 проценти од местата во долниот дом на парламентот и 31 процент во горниот дом.
Во препораката испратена до претседателот, врховниот судија Давид Марага вели дека неспроведувањето на уставот било јасна порака на пратениците дека „не покажуваат заинтересираност во врска со правилото за две-третини“.
„Нема сомнеж дека распуштањето на парламентот ќе предизвика проблеми и економски потешкотии. Фактот дека Кенија е во сред пандемија на коронавирус само го зголемува потенцијалното внимание на оваа одлука. Сепак ова е логична последица на тоа што парламентот не успева да спроведе закон за кој Кенијците сметаат дека е неопходен“, напишал Марага.
Некои од политичките аналитичари велат дека оваа судска препорака не го обврзува претседателот да го распушти парламентот, но активистките за женски права, кои долго време водеа кампања за законот, велат дека ваквиот потег е значаен чекор кон борбата за рамноправна застапеност во политиката.
Во Кенија жените сочинуваат третина од 2,5 милиони луѓе вработени во формалнот сектор. Сепак, иако жените сочинуваат 80% од вработените во земјоделието, само 1 процент од нив се сопственички на земјоделските земјишта.
Локалните родови експерти велат дека жените во политиката во Кенија се соочуваат со голем број предизвици – од физичко и сексуално насилство, до недостаток на средства за финансирање на своите кампањи.