Студентските домови среде партиските препукувања

Од социјалните мрежи и светските медиуми, темата за мизеријата во македонските студентски домови се префрли и кај партиите. Од подмладокот на СДСМ ветуваат изградба на цел студентски град во Скопје, од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак обвинуваат во времето на СДСМ не се вложувало во образованието.

Студентски домови

Студетскиот хорор во Македонија има име и се вика студентски дом „Гоце Делчев” Скопје истакна претседателот на СДММ, Стефан Богоев кој најави дека владата предводена од СДСМ целосно ќе ги реконтруира и модернизира постоечките домови, ќе изгради нов студентски град во Скопје, но и студентски домови низ Македонија.

„Младите и студентите се приоритет за СДСМ и токму затоа главниот акцент на нашата програма е ставен на нив. Студентите мора да живеат и да се образуваат во услови какви што и доликуваат на една европска земја“, истакна Богоев кој потсети дека иако премиерот Груевски, во неколку наврати најавувал датуми за отпочнување на реконструкција на студентските домови, ветувањата останале неисполнети.

На ваквите ветувања, експресно реагираа од ВМРО ДПМНЕ обвинувајќи дека во времето на СДСМ не бил отворен ниту еден нов факултет или дисперзирани студии, немало преведени учебници, а не биле одвоени пари ниту за нови лаборатории. Отаму се децидни дека студентите и се приоритет на оваа влада која инвестирала околу 200 милиони денари за подобрување на стандардите за сместување во студентските домови, а најавуваат и понатамошни инвестиции.

„Се изгради нов студентски дом, односно нови капацитети во рамки на постојниот – Стив Наумов, а беа реконструирани и дел од постојните објекти на студентските домови. Изработено е проектно решение за изградба на целосно нов објект на студентскиот дом Невена Ѓорѓиева Дуња (Медицинар), како и проектна документација за етапна реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев, која ќе започне веднаш по завршувањето на изборниот процес, односно во летниот период кога има најмала фреквенција на студенти“, се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Приказната за најголемиот студентскиот дом во земјава „Гоце Делчев“, повторно се актуелизираа откако фотографии од мизерните услови, инаку веќе познати за македонската јавност, беа објавени на Imgur, а потоа ги преземаа повеќе светски и балкански медиуми. Домот е стар 40-тина години, а од неговата изградба до денес, не е преземен посериозен зафат за реновирање на објектот.