Студентски пленум организира проекција на филмови за окупација на факултети

Интерните пленуми на Техничките и Архитектонскиот факултет организираат проекција на филмови за окупација на факултети и дискусија. Проекцијата е закажана за утре (7 февруари) со почеток од 17:30 часот во Амфитеатарот на Архитектонскиот факултет.

Пред публиката ќе бидат пуштени познатите студентски документарни филмови како хрватскиот „Земја на знаењето“ („Zemlja Znanja“), но и други кратки филмови со искуства од земјите на Балканот.

„Земја на знаењето“

Документарниот филм „Земја на знаењето“ зборува за студентите на Филозофскиот факултет во Загреб кога на 20 април 2009 година ја преземаа контролата над факултетот. Студентите бараа од хрватската Влада да ги укине сите форми на плаќање на образованието.

За време на блокадата на факултетот, сите одлуки студентите ги донесуваат со директна демократија преку Пленум составен од 100 студенти. Овој филм ги документира 35-те дена од факултетската блокада додека Владата ги игнорирала студентите.