Студентски пленум најави блокада на изборите за претседател на СПУКМ

Студентски пленум најави блокада на утрешните избори за претседател на Студентски парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Студентите се одлучни во намерата да ги спречат изборите, за кои велат дека нелегални и нелигитимни.

Според нив, изборите не смеат да се случат откако на последната седница на Сенатот беше договорено да се формира Комисија што до 15 септември треба да изготви предлог-измени во Статутот за студентското дејствување. Во Комисијата ќе учествуваат и двајца претставници од Студентски пленум.

„Сметаме дека студентите имаат апсолутно право да спречат избори кои се нелегални и нелегитимни, осебено земајќи предвид што комисија почна со работа и во краток рок до 15 септември треба да понуди предлог-текст до Сенатот за измени на статутот на УКИМ во делот на студенското организирање“, изјави Ивана Туфегџиќ од Студентски пленум.

Пленумот ги повика студентите утре во 12 часот да излезат на платото на УКИМ и да се приклучат во блокадата на студентските избори.

„Потсетуваме дека блокадата не е кривично дело како што претходно пренесоа некои медиуми. Ние сите сме членови на Студентски парламент и како такви, обесправени сме прво во делот да кандидираме наш кандидат, потоа да имаме пристап до правните акти што ги регулираат изборите, пристап до Собранието и до состаноците на Студентскиот парламент“, рече Туфегџиќ.