Студентски фестивал „Денови на архитектурата“ во Сараево, од 19 до 22 мај

Сараево од 19 до 22 мај оваа година по деветти пат ќе биде домаќин на интернационалниот фестивал „Денови на архитектура“(Dani Arhitekture) кој годинава е под мотото „Архитектурата пред инвестициите“.

На настанот ќе говорат истакнати архитекти од регионот и Европа како Идис Турато од Хрватска, групацијата Њириќс+архитекти од Хрватска, Ериксен Скајаа од Норвешка, Никола Узуновски од Македонија, Нерма Линсберг од Австрија, архитектите на КонтраСтудио од Србија , студиото Сома од Австија, A69 од Чешка и многу други.

Фестивалот покрај предавањата и конференциите нуди и пропратна богата програма со  изложби,  перформанси, видео мапирање, филмски проекции и презенатации на студентски трудови.

Тимот на „Dani Arhitekture” ги повикува студентите по архитектура од Македонија да земат учество на отворените конкурси за изложбата DAInsta exhibition и Pecha Kucha. Настанот, појаснуваат организаторите, освен за студенти е отворен и за искусните архитекти како одлична можност да споделат ставови и искуства со колегите од различни земји.

„Dani arhitekture” започнаа во 2008 година како студентска иницијатива која во текот на годините се разви во еден од најважните, како архитектонски така и културен настан во Босна и Херцеговина. Во претходните осум изданија, фестивалот беше домаќин на повеќе од 50 говорници од 20 земји и организатор на бројни изложби и филмски проекции.