Студентска окупација – денешната програма во автономните зони

Студентите ја продолжуваат окупацијата на Универзитетот, трет ден на Филозофски/Филолошки факултет, втор ден на Машински и Феит. Денешната програма е исполнета со трибини, работилници,  проекции на филмови.

На Филозофски/Филолошки факултет, заденеска е најавена ќе се одржи Q&A на тема „Преку окупација до Нов закон за високо образование“. После разговорот, следува трибина на која ќе се дискутира за „Што треба да се промени во Високото образование?“.

Останатиот дел од денот, студентите од Факултетот за драмски уметности ќе се организираат читање на драмски текстови и проекција на студентски филмови, а вечерта според најавите ќе заврши со настапот на студентите од Факултетот за музички уметности.

На Машински и Феит пак, студентите се фокусираат на теми кои ги засегаат студентите што се повеќе заинтересирани за науката. Оттаму, тие организираат предавање за „Микенското линеарно Бе писмо“ со почеток од 14 часот, по што ќе следува изложба од студентите на Архитектонскиот факултет.

Од 15 часот пак, студентите од техничките факултети ќе се оттргнат од науката и ќе учат како да танцуваат на латино музика. Од 16 часот е најавена проекција на филмот „The Internet’s Own Boy: The Story of Aaron Swartz“, а еден час подоцна Скопското астрономско друштво ќе одржи предавање. За вечерва во автономната зона се најавени предавања што ќе ги држат професори од техничките факултети, но и музика.