Студентка по пијано од ФМУ освои прво место на натпревар во Јапонија

Марија Николовска, студентка по пијано од Факултетот за музичка уметност – Скопје (ФМУ) и единствен претставник од Европа ја доби највисоката награда на меѓународен натпревар во Јапонија.

На „Кјушу интернационалниот музички натпревар за музика од Ј.С. Бах “ (Kyushu International J.S. Bach Music Competition) кој се одржа минатиот викенд во градот Куруме – Фукуока, Јапонија, Марија ја доби првата награда во категоријата солисти, соопштија од ФМУ.

ФМУ

Натпреварувањето се одвивало во две етапи и со голем број на учесници од Јапонија и Јужна Кореа. Во групата од 30 натпреварувачи, македонската студентка била единствен претставник од Европа, а во финалната етапа се претставила со Токатата бр. 5 во e-moll од Ј.С. Бах, изведба што го воодушевила деветчленото жири, составено од еминентни професори од Јапонија, Јужна Кореа и Бугарија.

Марија е студентка по пијано на втора година од вокално – инструменталниот оддел на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на доц. д-р Кристина Светиева. Учеството на натпреварувањето во Јапонија целосно е покриено од Министерството за култура.