Студентите треба да извадат посебни билети за бесплатно возење со ЈСП

Од први јануари, студентите на државните универзитети ќе можат бесплатно да се возат со јавниот превоз во Скопје. Сепак, два дена пред почетокот на новата година, многумина се уште не знаат што е потребно да направат за да ја користат оваа услуга.

Од Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП информираат дека оние студенти кои веќе имаат персонализирани картички, потребно е да посетат кое било од осумте продажни места на ЈСП, за да им се запишат соодветни електронски билети.

Студентите пак кои немаат персонализирани картички, исто така потребно е да се обратат во некоја од трафиките на ЈСП и да достават потврда за редовен студент, индекс и лична карта. За возврат, ќе добијат персонализирана картичка.

Превозот ќе биде бесплатен за студентите и во лето, појаснува портпаролот на ЈСП Костадин Тасевски, за Радио МОФ.

Во понеделникот, ЈСП објави нови модели на цени на билетите. По силните реакции во јавноста откако беше предложено зголемување на цената на дневниот билет купен од возачот на автобусот на 60 денари, ЈСП ги задржа старите цени. Билетот за едно возење и во иднина ќе чини 35 денари, како за во градот , така и за во приградските населби. Ноќниот билет и со новиот тарифник е непроменет и чини 40 денари. Истите билети пак платени со мобилен телефон ќе чинат 40 и 50 денари.

Тасевски вели дека новина е тоа што еднократниот билет од 30 денари за градски линии, кој се уште може да се купи од трафиките на ЈСП, е единствениот билет што ќе биде исфрлен од употреба. Неговата цена е унифицирана, со тоа што билетот за приградската зона, од 40 денари е намален на 35 денари, објаснува портпаролот на ЈСП.

Персонализираната електронска картичка чини 200 денари, додека онаа без лични податоци е 50 денари поевтина.

Хартиените билети ќе важат до 1 мај 2016 година, кога и официјално ќе се приклучат приватните превозници на новиот интегриран тарифен систем. Од ЈСП велат дека со новиот начин на наплата, задржувањето на граѓаните за валидирање на електронските картички ќе трае помалку од една секунда. Тие се надеваат дека на овој начин ќе се надминат гужвите во вторник и петок, кога слободен превоз имаат и пензионираните лица.