И оваа академска година студентите остануваат без два клучни дома за сместување. Иако се најавуваше враќање во „реновирани домови“, реалноста е уште една година со ограничени капацитети, несоодветни услови и неисполнети ветувања за студентите, пишува платформата Студентарија.
„Иако министерството за образование и наука минатата година најави дека ‘студентите следната академска година би требало да влезат во реновираните домови во Скопје’, конкурсот за сместување за 2025/2026 година покажува нешто сосема друго. Студентскиот дом ‘Кузман Јосифовски Питу’ повторно го нема на листата. Ова значи дека и по повеќе од две години затворени врати и бројни јавни уверувања од институциите, студентите нема да можат да се вратат во овој дом“, појаснуваат од Студентарија.
Од таму истакнуваат и дека реновирањето на „Кузман“ започна во април 2024 година, а министерката Весна Јаневска постојано истакнуваше дека реконструкцијата ќе се врши најдоцна за 18 месеци, што би значело дека „Кузман“ требаше да биде готов до октомври оваа година. Ова не е првпат, додаваат, надлежните да дадат ветување што не го исполнуваат.
„Секоја академска година носи нова доза надеж за условите во студентските домови, за секој октомври да следуваат тишина и ново разочарување. Студентите и оваа година остануваат без два значајни дома за сместување во текот на студиите. ’Кузман’ останува празен, а студентите без ветениот простор за достоинствено домување“, поентираат од платформата.
Во јули минатата година поради реновирање се затвори и студентскиот дом „Стив Наумов“, а со работни активности таму се започна во септември. Ова за студентите во Скопје значи дека тие на располагање годинава имаат 2.544 легла, нешто помалку дури и од она што го имаа претходната година со капацитет од 2.583 легла. Годинава за 35 легла е намален капацитетот во „Томе Стефановски – Сениќ“ и четири во „Гоце Делчев“. Радио МОФ минатиот јули пресмета дека ако сите студентски домови во Скопје би работеле со полн капацитет во нив би имало легла за 4.639 студенти. Но, ова не е случај веќе оддамна поради лошата состојба во која се наоѓаат домовите.