Студент кој спасува животи во Камбоџа преку рециклирање сапун

Американски студент бил шокиран кога видел како жените во Камбоџа ги бањаат своите деца. Тоа го поттикнало да се сети на место каде може да најде големи количини сапун бесплатно. По две години веќе ги снабдува селаните со сигурно средство за тие да бидат чисти, а истовремено им обезбедува и работа.

Самир Лакани го поминувал летото градејќи вештачки езерца за риби во село во Камбоџа, кога забележал мајка која го трие нејзиното мало дете со детергент.

kambodza-recikliranje-sapun-1

Самир Лакани Фото: ББЦ

Тоа за него било ужасно. Детергентот може да ја оштети кожата и содржи токсични хемикалии кои можат да предизвикаат иритации на очите и повраќање. Хигиената е важна за да се спречат болести, но тоа не било начин на кој треба да се бања човек.

„Веднаш, на секој странец од западот – помислата е дека оваа практика мора да се поправи. Мораме да направиме нешто“, вели Лакани за ББЦ.

Тогаш добил идеја. Невладината организација за која работел, додека паузирал од студиите за животна средина на Универзитетот во Питсбург, била сместена во Сијем Рип – популарно туристичко место во близина на 800 години старите храмови на Ангкор, кои привлекуваат повеќе од два милиони туристи секоја година.

Со преку 500 хотели и апартмани да ги опслужува, Сијем Рип произведува голема количина на остатоци од сапун.

„Веројатно не постои подобро место на планетата за да почнете рециклирање на сапун од Сијем Рип. Купив сатари и машини за мелење месо и рендиња и ја претворив мојата хотелска соба во лабораторија. Имавме котли кои испаруваа, веројатно ме имаа ставено на листа за набљудување“, објаснува Лакани.

kambodza-recikliranje-sapun-2

Тој контактирал со други пријатели научници и набрзо успеал да најде техника за комбинирање на отпадоците од сапун во нов „еко-сапун“. Потоа работите набрзо растеле.

Од хотел до хотел, Лакани барал остатоци од сапун. Невладината организација во која волонтирал го поврзала со локални студенти кои му помогнале во производството на сапун и му овозможиле место каде да го работат тоа.

Кога се вратил во Питсбург, за последната година од студиите, почнал да краудфанд акција за собирање средства. Успеал да обезбеди спонзорство од големи хотели да му овозможат да тренира и плаќа работници на сапун.

„Можете да претпоставите дека воопшто не учев, бидејќи бев фокусиран на ова“, вели тој.

Две години по идејата, неговата организација „Банка за Еко-Сапун“ вработува 30 работници во три работилници низ Камбоџа, собира сапун од 170 хотели и снабдува 650 илјади луѓе со сигурен начин да останат чисти.

Жени го продаваат еко-сапунот низ селата, неколку стотици училишта се снабдувани бесплатно, а „амбасадорите на хигиената“ од партнерски невладини организации ги учат децата како да ги мијат рацете правилно.

Во многу рурални заедници во Камбоџа сапунот се смета за луксуз. Додека едни користат детергент, други си ја тријат кожата со пепел или земја. Миење на рацете ретко е нешто повеќе од истурање вода врз едната, па другата рака.

kambodza-recikliranje-sapun-4

Ова води до бројни заболувања, од паразити, инфекции на белите дробови, дијареја и стомачен тифус.

„Дијарејата е број еден убиец на децата во Камбоџа“, вели доктор Нгет Пајсес, педијатар во Ангкор болницата за деца во Сијем Рип. Децата пропуштаат училиште, а инфекциите се пренесуваат во семејството, оневозможувајќи ги родителите да работат.

Сапунот може да убие околу 70% од бактериите, вели тој. Студии покажале дека правилно миење на рацете може да ја намали шансата за дијареја од 40 до 60 проценти.

Освен подобрување на хигиената, Еко-сапунот овозможува и вработување на луѓето, локалните жители го произведуваат или го продаваат.

„Од производ кој би завршил во ѓубре создаваме сапун за заедницата, која и економски ќе ги стимулира селата и ќе создаде приходи за луѓето кои таму живеат. Ако нешто е константно во Камбоџа – тоа е индустријата на туризам во Камбоџа, луѓето ќе доаѓаат и ќе генерираат сапун“, вели Лакани.