Струга: Училиштата штрајкуваат – матурантите полагаат екстерно

Средношколците од СОУ „Нико Нестор“ од Струга не одат на училиште, но за матурантите се спроведува екстерното тестирање. Во гимназијата „Д-р Ибрахим Темо“ од Струга пак, според тврдењата на учениците, наставата делумно се спроведува само во македонските паралелки.

Според професорот Реџеп Лешко, претседател на Синдикалната организација на наставниците во СОУ „Нико Нестор“ од Струга, екстерното тестирање за матурантите се полага без проблеми, но не се држи настава од почетокот на штрајкот.

„Воопшто не се одвива наставата во нашето училиште, учениците знаат дека најголем дел од професорите, oколу 90 отсто од нив штрајкуваат“, вели Лешко за Радио МОФ.

Претходно, професорите од ова училиште и преку отворено писмо до јавноста ги образложија причините за штрајкот.

„Свесни сме за изгубeните часови и жалиме што нашите ученици не можат во нормални услови да го започнат второто полугодие, но се надеваме дека оваа краткорочна вонредна состојба ќе успееме да ја надминеме, а сè во интерес на подобро образование. Апелираме до целата јавност, родители, ученици, колеги, кои од свои причини не се со нас (но скриено и латентно го поддржуваат штрајкот), но и до надлежните институции кои во моментов немаат слух за сериозноста и тежината на проблемите со кои се соочува образованието да воочат дека се работи за нешто сериозно, дека нешто не е во ред, бидејќи една широка интелектуална маса решила своите права да ги бара на ваков начин!“, се наведува во писмото.

Ученици од гимназијата „Д-р Ибрахим Темо“, пак, велат дека во ова училиште се полага екстерното, но поради штрајкот само делумно се спроведува наставата во македонските паралелки.

„По неколку деца од македонска настава одиме на училиште, но не држиме часови. Од учениците од албанска настава нема ниту еден“ , вели средношколка од оваа гимназија.

Штрајк има и во основните училишта во градот Струга , во ООУ „Браќа Миладиновци“ и ООУ „Јосип Броз Тито“. Синдикалната организација на наставниците од „Јосип Броз Тито“ исто така излезе со отворено писмо до јавноста за штрајкот на СОНК зад кој целосно застануваат.

„Сакаме да кажеме гласно СТОП на казните со кој секојдневно се заплашува наставникот!  Административната работа е само губење време кое наставникот може да го исполни со создавање иновации кои може да ги воведе во наставата. Почитувани колеги, дозволете сите гласно да кажеме НЕ на сите притисоци и навредувања! Сите да ги охрабриме и оние кои најмногу се плашат и да ни се придружат бидејќи заедно сме посилни! Нашите работнички права треба да ги добиеме бидејќи од нас доаѓа образованието на сите, од нас започнува да се глаголи писмото со кое сите зборуваме!“, пишува во нивното писмо.