Стратегиите се алатка за заштита на шумите, но владите најчесто се поткупливи од лоби групи и бизниси

„Шумите се една од најмоќните алатки во борбата со климатските промени, но и особено значајни за опстанокот на локалните заедници и нивен основен извор на ресурси. Во услови на забрзан пораст на урбаната популација, не само шумите, туку сите зелени површини и паркови играат важна улога во иднината на луѓето – ние едноставно мораме да ги заштитиме.“

Со овие зборови Афонсо Каутеручо, претседател на граѓанската организација „Гринакорд“ од Италија го отвори форумот на кој експерти, граѓански организации и новинари оваа година дебатираат за проблемите од загуба на шумите и важноста да се заштитат.

Регионот Тоскана каде оваа година се одржува форумот, меѓудругото е и најголем производител на тартуфи во светот.

„Тартуфите се растение на кое му треба невознемирена и незагадена шума за да расте во голема количина како овде. Ова е само еден пример на локална заедница која зависи од здравјето на шумата за обезбедување квалитетен животен стандард за локалните заедници кои живеат во малите градови каде тартуфите растат”, вели преставник од канцеларијата на престедателот на регионот Тоскана.

Најголемите причини за уништување на шумите во светот се урбанизација и искористување на земјиштето за одгледување животни за храна, но и култури кои бараат огромни површини како на пример за масовно производство на палмино масло, беше спомнато на форумот.

Еден од заклучоците е дека сечата на шумите е една од човеките активности кои придонесуваат за емисии на стакленички гасови во атмосферата. Во исто време, шумите се под дополнителен притисок и од климатските промени. Во 2015 година само регионот Тоскана беше погоден од сериозни ветерни бури кои предизвикаа уништување на големи површини шума.

За Серџо Бафони од „Environmental paper network Italia“, но и за многу од присутните експерти, најголем непријател на шумите во моментов е консумеризмот. Прашањето во вакви услови, смета тој, е дали навистина можеме да ги заштитиме шумите и како.

„Владините стратегии можат да бидат моќна алатка за заштита на шумите, проблемот е што владите се најчесто слаби и лесно подложни и поткупливи од лоби групи и големи бизниси. Друг проблем е што дури и најуспешната стратегија за заштита на шумите може да биде избришана со промена на Владата. Притисокот од побарувачките на пазарот исто така игра огромна улога во успешното спроведување на стратегии на Владата“, рече Бафони.

Воспоставување големи мрежи на заштитени подрачја е еден од начините за обезбедување на заштитата на шумите, се дискутираше на форумот. Па така, бразилската стратегија за поставување на зелен ѕид за Амазон беше наведен како успешен пример на активност на Владата и мрежи на заштитени подрачја. Но, оваа стратегија сега е во опасност да биде уништена, бидејќи заштитата најчесто е само на хартија.

„Проблемот е што ние немаме повеќе време за да смислиме како да ги заштитиме шумите. Едноставно мора да го направиме тоа сега. Не можеме да си дозволиме повеќе загуба на шуми и зелени површини. И мора да запамтиме дека шумите не исчезнуваат со загуба на последното дрво, загубата на шумите започнува многу пред тоа“, вели Марко Марчети, професор по агро-шумски системи на универзитетот во Падова.

Шумите во светот моментално апсорбираат 3,2 гигатони јаглероден диоксид. Доколку ги снема, овие емисии ќе отидат директно во атмосферата, а луѓето ќе се соочат со подраматични последици од климатските промени.

„Мора да започнеме да посериозно да ги разгледуваме сценаријата за климатски промени, особено промените во биомите. Драстичните промени во климата можат да значат загуба на цели биоми кои играат особено важна улога во борбата со климатските промени и обезбедување нормални услови за живот на планетата“, рече Андреа Мазуло, научен советник на „Гринакорд“.

И Македонија во моментов се соочува со борба за шумите на повеќе фронтови- планината Водно во Скопје и Шар Планина се само две локации каде загубата на шумски површини е голема и тоа влијае врз екосистемите присутни на овие локации. Шар Планина е особено ранлива на климатските промени и каде поројните дождови предизвикаа загуба на животи и огромни материјални штети. Од друга страна, Водно е означено како потенцијално ерозивно подрачје што значи дека доколку се исече шумата, постои опасност од лизгање на земјиштето.

Пишува: Елена Николовска