Протокол за непречен транзит на странски државјани низ територијата на Република Северна Македонија, со кој се утврдува дека државјаните на други држави кои транзитираат низ територијата на државава можат да ги користат граничните премини Табановце, Деве Баир, Богородица, Ќафасан, Блаце и аеродромот Скопје, до целосната либерализација на режимот за влез и излез во нашата држава е усвоен на вчерашната 66-та владина седница.
„Транзитот на овие лица подразбира влез на еден граничен премин и излез на друг со обврска при транзитот да не се излегува од соодветниот автопат или локален пат и тој да се реализира во рамките на најмногу 5 часа што се потврдува со изјава која странските државјани треба да ја пополнат на влез, а на излез треба корисникот да ја предаде на граничната полиција со цел да се контролира времетраењето на транзитот“, информираат од Владата.
За македонски државјани, граничните премини за излез од Македонија се отворени со потпишување на соодветна изјава која ја издава МВР на самиот премин, а со која граѓанинот се обврзува дека нема да бара помош од државата, во случај на проблем во странство. При влез во државата, пак, секој граѓанин мора да приложи направен валиден PCR тест, не постар од 72 часа, кој е негативен. Потоа на граничниот премин потпишуват „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“. Доколку таков тест не е приложен, или е приложен невалиден тест, тогаш задолжителен е државен карантин во траење од 14 дена.
Владата на 16 март донесе одлука да се затворат сите гранични премини во државава за премин на странски државјани, освен за влез и транзит на товарни возила, за претставниците од дипломатскиот кор, како и за други лица, за кои Министерството за внатрешни работи ќе даде дозвола по претходно мислење од Главниот координативен кризен штаб кој ќе потврди дека постои посебен државен или економски интерес.