Стотици уапсени во Вашингтон на протест против Трамп и Кавано

Повеќе од 300 лица биле уапсени во Вашингтон за време на синоќешниот протест против американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот предлог за врховен судија, Бред Кавано.

Меѓу уапсените биле и комичарката Ејми Шумер и моделот Емили Ратајковски, кои се обидувале да упатат последен повик до сенаторите, да го одбијат номинираниот кандидат кој е обвинет за сексуално насилство, пред денешното гласање за избор на Кавано во највисокиот суд во САД.

Неколкуте илјади демонстранти, најголемиот дел од нив жени, маршираа низ американскиот главен град и одржаа говори пред Врховниот суд и зградата на парламентот извикувајќи „Кавано мора да оди!“ и „Време е жените да бидат слушнати!“.

Полицијата ги опколила демонстрантите во зградата на Сенатот, каде граѓаните протестирале со седење на подот и одбивале да го напуштат местото.

„Денеска бев уапсена при протест против номинацијата на Бред Кавано за Врховниот суд, човек обвинет од повеќе жени за сексуален напад. Мажите кои повредуваат жени повеќе не можат да бидат ставани на моќни функции“, напиша Ратајковски на Твитер.

Уште еден протест се одржал пред зградата на Трамп во Њујорк.