Стоп за Вардариште: Блокадата во Аеродром продолжува сѐ додека загадувањето не се реши целосно

Блокадата на раскрсницата кај мостот „Киро Глигоров“ и паркот „Авионче“ продолжуваат секој ден од 18 до 19 часот, сѐ додека не се реши целосно загадувањето во Скопје, велат од граѓанската иницијатива Стоп за Вардариште.

„Скопје со денови се дави во отрови. Не е само Вардариште – и Дрисла се вклучи во ова труење. Чадот и канцерогените честички не останаа во еден дел, туку се раширија низ целиот град. Вакво загадување од масовни размери – досега немало. Ова не е проблем на неколку општини – цело Скопје дише ист отров. Затоа борбата мора да биде заедничка. Излези на блокада. Барај одговорност“, истакнуваат од Стоп за Вардариште.

Нивните барања се: Итно преземање мерки за гаснење на активните пожари на депонијата; Континуирано обезбедување на локацијата со физичко присуство од страна на МВР и/или припадници на АРМ за спречување нови палења; Поставување ограда околу целата депонија; Поставување камери вклучително термални на повеќе точки низ Вардариште кои онлајн ќе бидат јавно достапни за сите граѓани 24/7; Итно одвојување финансиски средства и од локалните самоуправи и од централната власт за спроведување на сите неопходни активности за санација и затворање на депонијата Вардариште, согласно еколошките стандарди; Формирање независна комисија за испитување на причините за палењето и одговорноста; Целосна реформа на системот на управување со отпад преку воведување концепт нула отпад.

„Ова не е само еколошко прашање – ова е прашање на јавна здравствена безбедност. Секој ден без акција значи уште еден ден во кој децата, возрасните и сите граѓани вдишуваат отрови. Ги повикуваме медиумите, граѓанските организации и сите совесни граѓани да се приклучат во притисокот кон институциите за конечно решавање на овој долгогодишен проблем. Доста е! Скопје не смее повеќе да тоне во отрови!“, нагласуваат од граѓанската иницијатива.

Инаку, на раскрсницата на булеварот „АСНОМ“ и „Србија“ во Аеродром, пред мостот „Киро Глигоров“ веќе континуирано ден за ден протестираат локалци, но добиваат поддршка и од останати општини. Млади и стари – граѓани, активисти, доктори, експерти – сите на купче против загадувањето, сите со реакции за горливата состојба. „Секој ден во шест“ и „Стоп за Вардариште“ е мотото на блокадата.